Прифатилиштето за питачи под клуч
Центарот за деца од улица во Битола беше отворен минатиот четврток, но еден ден подоцна затворен. Дали причина за тоа е дефект на цевка во објектот или можеби проблеми во обезбедувањето храна
БИТОЛА - Седумдесетина деца-питачи се' уште шетаат по битолските улици, иако пред една недела државата отвори Дневен центар за нивно згрижување. Само еден ден по свечениот чин, на прифатилиштето му е ставен клуч. Се споменуваат неколку причини.
Официјалното оправдување на Центарот за социјални работи од Битола зошто не работи објектот во рамките на Домот за доенчиња е дефект на водоводна цевка во бањата.
Но, неофицијалните причини се многу позагрижувачки. Имено, се шпекулира дека Министерството за труд и социјални работи има проблем со обезбедувањето храна за идните штитеници, но и со формирање тимови што ќе треба секојдневно да работат со нив. Во чаршијата се зборува дека ниту една од институциите во Битола што е под капата на Министерството не сакала да ја преземе обврската нејзините вработени за иста плата да подготвуваат храна и за питачите. И не само тоа, снабдувањето оброци за штитениците од Центарот ќе значи дополнителни јавни набавки, односно процедури за кои надлежниот ресор би требало да ги испочитува законите, а не само да им наметне дополнителна обврска на своите вработени.
Тоа што проектот за прифатилиште не профункционира е уште една потврда за брзи и неосмислени подготовки без да се обезбедат сите неопходни услови. Но, затоа се реализира агендата на најодговорните. Министерот за труд и социјала Џелал Бајрами заедно со битолскиот градоначалник Владимир Талески и со претставници на УНИЦЕФ во минатиот четврток се изнасликаа и се изназборуваа за значењето на Центарот за децата од улица. Фотоапаратите ги овековечија нивните срдечни поздрави со малолетните питачи за ден потоа да ги остават на улица. А функционерите од централната и од локалната власт им ветуваа покрив над глава, спас од секојденевната експлоатација со питачење наметната од возрасните, два топли оброка дневно, медицинска помош и шанса за социјализација. Од тоа засега нема ништо.
Дваесет и тригодишна Ромка, чии деца требаше да бидат згрижени во Центарот, вчера повторно питачеше. Таа вели дека соседот ја известил да не ги праќа децата во прифатилиште зашто се' уште не била обезбедена храна.
„Прво ми рекоа ако ги носам децата во Центарот ќе има да јадат, да пијат, да се капат. Таман си реков зимава ќе бидат на топло. Ама комшијата ми вели требало да се почека некоја недела. Никој не кажа зошто е така“, вели разочарано мајка на четири малолетници.
Дека прифатилиштето не функционира, потврдуваат и од Центарот за социјални работи. Директорката Виолета Гаџовска тврди дека проблемот е од техничка природа и се надева дека следната недела Центарот ќе почне редовно да работи.
„Се јави проблем со водата во бањата. Затоа прифатилиштето не се отвори. Но, се надеваме дека дефектот ќе се отстрани до понеделник. Хигиената е најважна. Децата од социјален ризик ќе мора да ги капеме и по двапати на ден“, вели директорката Гаџовска. Таа негира дека проектот не е докрај обезбеден. Тврди дека за децата од улица ќе се подготвува храна во кујната на Домот за доенчиња, бидејќи се во ист објект. Центарот за деца од улица е сместен на вториот кат од Домот за доенчиња, но со посебен влез.
„Проблемот со храната е решен, а нема проблем и со тимовите за работа. Станува збор за шестмина вработени од Центарот за социјални работи, кои ќе бидат задолжени за децата. Поради рецесијата, нови вработувања ќе нема“, објасни Гаџовска.
Доколку проблемите наскоро се надминат и ако прифатилиштето навистина ги отвори вратите, тогаш ќе бидат згрижени повеќе од дваесетина деца со социјален ризик.
Битолскиот центар за социјални работи и тимови на УНИЦЕФ евидентирале 67 деца-питачи в�� градот. Меѓутоа, велат дека за почеток ќе се работи само со оние деца што имаат целосна лична документација и чии родители потпишале согласност. Другите, значи мнозинството, и натаму остануваат на улица.
„Со отворањето на центарот ќе помогнеме да се редуцира појавата на деца, кои шетаат низ Битола со подадена рака. Нивното место е да бидат во училиштни клупи, да се образуваат и да израснат во полезни граѓани за оваа држава. Ако во континуитет се повтори истите деца повторно да се најдат на улица, ќе бидеме принудени да го одземаме родителското право и децата да ги сместиме во нашите институции“, предупреди министерот Бајрами на свеченоста во Битола.
Според податоци на Министерството за труд и социјала, во државата се евидентирани над две илјади деца од улица и петстотини деца питачи, а засега се отворени само три центри за нивно прифаќање. (А.Б.) |