Чарши- џамијата ќе биде музеј
Реконструкцијата на верскиот објект кој датира од 15 век почнува наскоро
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Чарши-џамија во Прилеп, споменик на културата што датира од 15 век, ќе се реконструира како музеј на исламската уметност и култура. Вака се договориле Исламската верска заедница, која е сопственик на објектот, Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар. Градежните работи се очекува да започнат наскоро. Локалната власт се' уште нема никаква информација, но велат според Деталниот урбанистички план, џамијата може да се обнови само како споменик на културата. Од прилепското муфтиство се сложуваат Чарши-џамија да не биде активен верски објект, што беше причина за долгогодишното пролонгирање на реконструкцијата.
Чарши-џамијата беше опожарена на 8 август 2001 година, истиот ден кога кај Карпалак загинаа десетмина прилепски резервисти откако нивните автобуси беа нападнати од албански терористи. Оттогаш досега објектот во центарот на градот е оставен на забот на времето. Врз овој споменик на културата заштитен со закон, копјата со години ги кршеа општината и прилепското муфтиство.
„Постигнат е договор со Владата Чарши-џамија да се реконструира, а дел од неа да биде музеј на исламската култура и уметност. Националниот конзерваторски центар доби конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство. Тендерот е завршен. Скопската фирма ‘Лукс салон‘ ќе ги изведува градежните работи, а деновиве ќе почне реализацијата на првата фаза од проектот, вреден околу 4 милиони денари. Го известив градоначалникот на Прилеп дека тендерската постапка е завршена“, изјави вчера Бехиџудин Шехапи, директор на Националниот конзерваторски центар. Тој додава дека половина од средствата со донации ќе ги обезбеди ИВЗ, а останатите Владата. Според Шехапи, на ставање на камен-темелникот на реконструкцијата на објектот постојат можности да присуствуваат и високи владини претставници.
„Не е исклучена можноста и премиерот Никола Груевски, како и министерката Елизабета Канческа-Милевска да присуствуваат на стартот на градежните работи“, најави Шехапи.
И во Управата за заштита на културното наследство потврдуваат дека проектот за џамијата е готов. „Чарши-џамија е споменик на културата, а проектот е токму за заштита на овој споменик на културата“, кусо изјави Паско Кузман, директор на Управата.
Прилепското муфтивство вчера ретерираше во ставовите. Наспроти досегашните жестоки барања џамијата да се обнови исклучиво како активен верски објект во кој ќе се извршуваат сите верски обреди, сега од муфтивството доаѓаат смирени тонови.
„Чарши-џамија ќе биде обновена како Музеј на исламската култура и уметност, значи ќе биде отворена за посети на сите граѓани“, изјави мутфијата Мустафа Топалоски.
А во Општина Прилеп се зачудени од најновите информации. „Не добивме никакво известување. Но, џамијата може да се обнови како споменик на културата зашто така предвидува и Генералниот и Деталниот урбанистички план“, истакна прилепскиот градоначалник, Марјан Ристески.
Во Секторот за урбанизам на локалната самоуправа објаснуваат дека треба да се достави доказ за сопственост и проект за градба или доградба на одредено место. „Сопственик на Чарши-џамија е Република Македонија. Тоа не значи дека земјиштето не може и да им се додели и подоцна да го спроведат во катастар или ќе покажат тапии за да се докаже дека е друг сопственик. Но, во секој случај, сопственикот треба да достави барање, а такво нешто нема“, вели раководителот Илија Карески.
Граѓаните се согласуваат со реконструкција на џамијата како споменик на културата зашто така функционирал пред опожарувањето.
„Чарши-џамија отсекогаш беше атрактивен објект. Тука никогаш не се изведувале верски обреди и тоа нема да го дозволиме бидејќи во центарот на градот живее исклучиво православно население“, коментираат прилепчани.
Од локалната самоуправа потенцираат дека за кусо време ќе биде готов и новиот генерален урбанистички план, според кој, предвидено е изградба на џамија во населбата Тризла, каде што живеат граѓаните со исламска вероисповест. „Локацијата е утврдена, џамијата ќе може да се изгради, а граѓаните од Тризла ќе можат непречено да ги извршуваат верските обреди во близина на живеалиштата“, потенцираат од секторот за урбанизам.
Доколку се' тече според најавите, проблем ќе нема. Конечно, по девет години, ќе се стави крај на црна епизода од историјата и ќе се реконструира споменикот на културата што го запалија револтирани млади бунтовници по веста дека загинаа 10 прилепски резервисти. Тогаш џамијата изгоре до темел, а во тие нереди беа запалени и повеќе дуќани. Сопствениците подоцна ги обновија дуќаните и продолжија со работа, но остана отворено прашањето со Чарши-џамија. Сите политички партии, локални гарнитури одбиваа да го решат овој проблем, зашто ИВЗ, односно прилепско муфтиство беше упорно во настојувањата Чарши-џамија да биде активен верски објект. Во дворот на џамијата неколку пати исламски верници од градот и многу од селата се собираа и извршуваа обреди за Рамазан-бајрам. Но, тоа секогаш предизвикуваше негодување на граѓаните, а тензиите растеа.
|