Задолжителни прегледи за бремените жени или казни
Mатичниот гинеколог ќе дава листа во која недела од бременоста каков преглед да сенаправи
Јасмина Јовановска
Жените во првата бременост ќе мора да минат низ 10 контролни прегледи, додека мајките со втора или со повеќе бремености ќе имаат седум до осум превентивни прегледи. Со овие контроли ќе се утврдуваат аномалии на плодот, инфекции кај мајката или, пак, дали мајката има потенцијална опасност за дијабетес.
Прегледите се дел од најновите медицински протоколи за следење на бремените жени. Секоја бремена жена ќе добие листа од матичниот гинеколог за тоа во која недела од бременоста е кој преглед треба да го направи.
Првиот преглед кај матичниот гинеколог треба да трае околу еден час. „Не може за 10 минути да се земе анамнеза на бремената жена, дали има наследни заболувања во семејството, како и да се направи психолошка процена“, укажува д-р Гордана Адамова, национален координатор на Комитетот за безбедно мајчинство.
Со новите медицински упатства се предвидува на крајот од првото тримесечје да се направи ултразвук и крвен тест за Даунов синдром. Овој преглед сега чини околу 3.000 денари, а ќе се бара да го покрива Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
„Од Фондот ќе се бара бремените жени да се ослободат и од партиципација за специфичните брисеви за инфекции. Секоја од нив не може да даде 1.500 денари за да направи микробиолошки тестови. Доказ за тоа е што годинава се родија бебиња со многу инфекции пренесени од урогенитални инфекции на мајките“, додаде д-р Адамова.
Од ФЗО велат дека ако прегледот за Даунов синдром се озакони, ќе мора да се финансира.
Со медицинските упатства што ќе им бидат поделени и на матичните гинеколози, како што нагласи министерот за здравство, Бујар Османи, задолжителните прегледи на бремените жени ќе добијат законска рамка и ќе профункционираат за десетина дена кога ќе излезат во „Службен весник“. „Доколку не се почитуваат прегледите, се размислува да се воведат казни и за лекарите, но и за бремените жени. Ако жената прескокне некој преглед, се размислува сама да ги сноси трошоците за породување. Но, таквата казна се' уште се испитува“, додава Османи.
Озаконувањето на медицинските упаства за бремените жени ќе значи и дополнителна контрола на матичните гинеколози, но и родилиштата во земјава.
За запознавање на матичните гинеколози со новите упатства, по шест години пауза, повторно ќе се активира континуираната медицинска едукација.
„Доколку не одат на обука, гинеколозите нема да можат да ја обноват лиценцата за работа, а може и да не се продолжи и договорот со Фондот за здравствено осигурување“, потенцира Османи. |