Двокатните автобуси отсекогаш беа атракција
За Душко Коцевски, возач на некогашните „лејланди“, вистинска радост е купувањето нови двокатни автобуси
Снежана Калабакова
Деведесетгодишниот Душко Коцевски-Борац, веројатно, е еден од последните живи возачи на некогашните двокатни автобуси во Скопје. Се радува што повторно низ скопските улици ќе види двокатни автобуси и со нетрпение ги очекува. Многу би бил среќен да може, онака, од задоволство да повози еден и да се потсети на радоста кога првпат седнал зад воланот на некогашните лондонски „лејланд“ и „аец“. Жали што во градот се' уште нема трамвај, бидејќи скопјани го посакувале уште откако ја почуствувале удобноста на превозот со двокатните автобуси.
Овој професионален возач со 41 година работен стаж, од кои една деценија во некогашниот градски сообраќај на Скопје, смета дека и сега, исто како и тогаш, двокатните автобуси ќе бидат права атракција. Искуството не му дозволува да се сомнева во нивната стабилност, ниту дека ќе има проблем со нивната висина за да поминат кај подвозниците. Смета дека ако тогаш двокатни автобуси се возеле низ улици што биле поплочени со коцка и биле стабилни дури и кога превезувале повеќе патници од дозволениот број, нема да има проблем ни сега кога ќе се возат по асфалтирани улици.
Како професионален возач, Коцевски ја пропатувал половина Европа, Грција, Бугарија, Русија, Германија, Холандија, Белгија, Италија, каде што најчесто превезувал портокали и јагнешко месо за Велигденските празници. Се пензионирал како вработен во „Македонија табак“. Во Скопје дошол од Кумановско, во 1940 година, кога градот имал 50-ина илјади жители, непоплочени улици и малку автомобили. Првото вработување му било во претпријатието за превоз на патници „Автопролетер“. Имал возачка дозвола од трета класа, сегашна Б-категорија, а возел камион. Му требале четири години практика за да може да полага за Ц и за Е-категорија, а потоа уште седум за да стаса до возач од прва класа, или сегашна Д-категорија. Две години возел и за „Гранит“ во периодот кога се градела пругата Ѓорче Петров - Гостивар и исто толкав период за „Бетон“.
„Некаде во 1954 или 1955 година во ’Градски сообраќај‘ стигнаа околу 13 лондонски двокатни автобуси. Преку тогашното министерство за сообраќај не' побараа сите колку што бевме, триесетина возачи со дозволи од прва класа. Беше преубаво чувството кога преку широките платформи прв пат влеговме во речиси новите возила, оти само десетина години биле возени низ лондонските улици. Секој сакаше да се качи во нив, особено на платформата. Вози��ата беа регистрирани со четирисет места за седење на катовите, но за стоење качувавме и по 150 патници. Оти сите што службено или приватно доаѓаа во Скопје имаа мерак да се качат во двокатните. На станиците намерно се пропуштаа да поминат нископодните, а луѓето чекаа да се качат во двокатен автобус“, се присетува Коцевски.
Возел двокатен автобус на линијата број „53“, која и тогаш сообраќала до Катланово, но бил и на „52“ за Петровец, потоа на „4“ која имала траса како сега „24“ до Кисела Вода. И тогаш „2“ тргнувала од Автокоманда и возела до плоштадот. Возачите во „Градски“ носеле униформи, зиме темни, а во лето посветли. Коцевски раскажува дека патниците строго внимавале на хигиената, бидејќи автобусите имале тапацирани седишта, кои биле чисти, незамрсени. На постојките се појавувал автобус на секој половина час или на дваесетина минути. Возилата многу ретко се расипувале, но имало резервни делови и веднаш се поправале.
„Се сеќавам дека ’2‘ возеше од Автокоманда, кај ’Континентал‘, потоа долу покрај Вардар кај сегашна Македонска телевизија, преку мостот кај ’Холидеј ин‘ и покрај Вардар до плоштад. Улиците беа тесни и поплочени со калдрма. Веднаш по првото возење во двокатните автобуси, патниците почнаа да зборуваат дека тоа било благодет, па дека би било убаво да има и трамвај. Кога во 1957 година ги дадоа на Сараево, многу луѓе жалеа“, објаснува Коцевски.
Додава дека како што се зголемувал бројот на едноподните автобуси, така се барале се' повеќе возачи, а бидејќи ги немало, на обука биле пратени шеесетина трактористи повикани од земјоделските задруги.
Иако, во меѓувреме, почнале масовно да се користат нископодни автобуси, како што се присетува возачот Душко Коцевски, скопјани никогаш не ги заборавија двокатните. Новите автобуси, кои допрва треба да дојдат од Кина, ќе го вратат минатото и носталгијата кон старо Скопје. Кој знае, можеби и на Борац ќе му се исполни желбата уште еднаш да седне зад воланот на автобусот. |