Божидар Димитров бил агент со име „Кардам“
Бугарскиот премиер Бојко Борисов го откачува контроверзниот министер за дијаспора
Подготвен сум да се разделам и од Божидар Димитров, изјави во четвртокот попладне бугарскиот премиер Бојко Борисов, коментирајќи го скандалот со дипломатите што имале „матно“ минато како соработници на тајните служби.
Досието на министерот без ресор од поранешната ДС беше обелоденето пред парламентарните избори во 2009 година, во кои тој се вклучи како кандидат-пратеник. Тогаш стана јасно дека Димитров работел во структурите на репресивниот апарат во време на комунистичка Бугарија, под ханските псевдоними „Кардам“, „Тервел“ и „Телериг“.
Премиерот Борисов изјави дека сега, и доколку дојде до политички консензус, „подготвен сум да се разделам и од Божидар Димитров“, но, сето ова „еднаш засекогаш да заврши“.
Премиерот Бојко Борисов уште еднаш ги изгуби нервите и ги искара новинарите. Тој беше „испровоциран“ од прашањето: Не е ли двоен аршин во владата да има министер (Божидар Димитров ), а во исто време да се прекинат назначувања на дипломати чие минато е поврзано со репресивниот апарат на комунистичкиот режим.
Не е двоен аршин, одговорил премиерот, според кој, министерот е само еден човек и тоа без ресор, а амбасадорите со минато на агенти сочинуваат педесет проценти (од сите оние што се во бугарските амбасади),пренесе бугарскиот весник „Дневник“.
„Доколку треба да направам таков чекор, ќе го сторам тоа во име на доброто на државата. Но, не е едно и исто, ако си се напил еднаш, веднаш да те прогласат за алкохоличар“, реагираше Божидар Димитров, контроверзниот бугарски министер задолжен за дијаспората. Во продолжение тој уште додаде: „Право на премиерот е во интерес на доброто на државата ... да се ослободи во кој било момент од кој било министер“, рече тој.
Објавувањето на имињата на дипломатите-агенти не создава проблеми во разговорите за шенген, увери уште Бојко Борисов пред почнувањето на завчерашната средба на ПССЕ во близина на Брисел. Но, Борисов бил известен од заменик-министерот за надворешни работи, Константин Димитров, дека веќе има реакции од неколку европски земји за случајот, што не било пријатно.
Генералниот секретар на Европската народна партија (ЕПП), Антонио Лопез, на пример, побарал премиерот Бојко Борисов да му објасни како е можно толку години по демократските промени Бугарија да има толку многу дипломати поврзана со поранешната Државна безбедност.
Изјавата на претседателот Прванов дека агентите не' внесоа во ЕУ и во НАТО може да се толкува дека не сме примени“, ја прокоментира Борисов изјавата на претседателот на државата. Георги Прванов се спротивстави на намерите на владата за разрешување на дипломатите-полицајци и воведувањето лустрација за кандидатите за функции во мисиите во странство. Според Борисов, како што пренесува софиски „Монитор“, оваа изјава ќе создаде повеќе тензии и проблеми отколку чинот на повлекување на амбасадорите. Премиерот потсети дека претходната влада назначувала амбасадори во последните денови пред изборите, и тоа токму оние што заминаа во клучни држави. „Беа испратени агреманите и немаше како да ги отповикаме“, вели Борисов, кој и самиот бил изненаден од бројката од 41 проблематичен амбасадор.
Министерот за надворешни работи, Николај Младенов, претходно изјави дека во иднина Бугарија нема да биде претставувана во странство од луѓе што биле поврзани со службите на поранешниот режим. Според него, соодветните законски промени ќе бидат предложени веднаш по Нова година, кога ќе бидат разгледани и новите назначувања. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Весела Чернева, пак, објави дека бројот на дипломатите „со досие“ драстично се зголемил во последните 15 години, а најмногу во рамките на претходните десет години.
По избувнувањето на скандалот, генералниот конзул на Бугарија во Санкт Петербург, Георги Михов, сам поднесе оставка, пишува „Монитор“. (Д.Ч.)
|