Жичарницата нова хит-дестинација
Само во изминатиот викенд се превезле 4.600 граѓани
Снежана Калабакова
Жичарницата до Милениумскиот крст стана хит-дестинација за скопјани откако беше свечено пуштена во функција во почетокот на јуни. Градот доби уште една нова содржина за која интересот секојдневно расте. Се чека со часови за да се влезе во гондолите и за само шест минути да се стаса до врвот на Водно. Само во деновите од изминатиот викенд од Средно Водно до Милениумскиот крст се превезле 4.600 лица, луѓе од сите возрасни групи.
Од ЈСП „Турс“, претпријатието што стопанисува со објектот, велат дека просечно дневно во работните денови се превезуваат преку 2.500 лица и се продаваат по 800 до 1.000 билети на ден. Односот на продадените билети со бројот на посетители што не мораат да платат за билет, поточно имаат право на бесплатен превоз, е 1 спрема 2. Изразено во бројки, тоа би значело дека на секои 800 патници, ако се додадат децата до 14 години и по околу 200 пензионери, тоа би значело плус 1.500 патници во текот на еден ден. Досега, за десетина дена се превезле над 10.000 луѓе на кои секако треба да се додаде и бројката од минатиот викенд.
За пензионерите возењето со жичарницата е секогаш бесплатно, а возењето со автобусот што сообраќа од Транспортниот центар до Средно Водно со назнака „Милениусмки крст“ за нив е без пари само во вторник и во петок. Право на бесплатен превоз на жичарницата имаат и лицата со хендикеп. Од претпријатието очекуваат дека големата навала на жичарницата ќе се намали од 1 јули,бидејќи не само што ќе почнат годишните одмори туку и ќе заврши промотивниот период за цената од 50 денари за билет. Потоа билетот ќе чини 100 денари.
„Повторно зголемување на бројот на посетители очекуваме по септември, односно по завршувањето на летните одмори. Во тој период ќе се реализираат и училишните екскурзии за кои веќе имаме најава дека се влезени во годишните програми, кои се усвојуваат до крајот на август. Моментално на жичарницата имаме посетители од сите возрасни групи, а најмногубројни се младите и пензионерите. Луѓето до Средно Водно доаѓаат со автомобили, со двата автобуса, кои постојано кружат, но и со велосипеди, бидејќи можат да го качат велосипедот на гондолите, а за тоа не се плаќа дополнително“, вели Саша Димиќ, директор на ЈСП „Турс“.
Од претпријатието тврдат дека остварените приходи од жичарницата засега се доволни за нејзиното редовно одржување, за исплата на плати за единаесетте вработени, за кастрење на дрвјата што се на трасата. Димиќ објаснува дека засега не може да се издвојат средства за евентуална рехабилитација на ЈСП „Скопје“ со оглед на тоа дека овие пари се доволни само за нормалното функционирање на објектот.
Жичарницата е најбезбедното превозно средство, тврди Димиќ и додава дека веќе го имале и првиот пар што склучил брак додека се возел неколку круга од Средно Водно до крстот и назад. |