Политичари на распуст
Најголем дел од довчерашните пратеници ќе се определат да бидат на државен трошок 12 месеци
Оливера Војновска
Со денот на конституирањето на новиот парламент престана и мандатот на пратениците од шестиот собраниски состав. Оние што не обезбедија место во пратеничките клупи имаат две опции. Можат да се вратат на претходните работни места или, пак, да го искористат правото што им следува по закон, а тоа е да примаат апанажа. Односно, една година да ја добиваат истата плата што ќе ја примаат и новите пратеници, околу илјада евра.
Најголемиот дел од довчерашните пратеници ќе се определат за варијантата 12 месеци да бидат на државен трошок. Впрочем, такво е искуството и со сите досегашни собраниски состави. Ретко некој од поранешните парламентарци се враќал на старото работно место, независно дали претходно бил на државна служба или се занимавал со приватен бизнис.
Поранешниот потпретседател на Собранието, Рафиз Алити, од ДУИ поднел барање за апанажа, а извесно е дека тоа ќе го сторат и другите негови колеги што не се веќе во парламентот. Алити, кој се спомнува како еден од можните министри на ДУИ, вели дека „ќе ја почитува секоја одлука на партијата“.
За апанажа се определиле и пратениците од СДСМ, Никола Ќуркчиев и Славица Грковска. Ваквата функционерска бенефиција ќе ја искористи и поранешниот градоначалник на Скопје, либералдемократот Ристо Пенов. Тоа, најверојатно, ќе го сторат и неговите партиски колеги: Андреј Жерновски, Роза Топузова-Каревска и Јован Манасиевски.
Со исклучок на Флора Кадриу, за апанажа е заинтересирана целата пратеничка група на Нова демократија: Бесим Догани, Сулејман Рушити, Абедин Зумбери, Даут Реџепи-Лека, вклучувајќи го и екслидерот, Имер Селмани. Кадриу, која е актерка, се враќа во Албанскиот театар и, како што ни рече, во наредниот период паралелно ќе работи и на докторатот на тема „Граѓански, политички и човекови права, културни различности и консоцијална демократија“ на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Во ВМРО-ДПМНЕ се концентрирани на составување на владината коалиција, така што не се оптоварени со ова прашање. Оттаму уште велат дека го чекаат исходот од преговорите со ДУИ за да се знае колку нивни експарламентарци ќе бидат згрижени во вториот и во третиот ешалон од извршната власт. Засега, наводно, апанажа најавил само пратеникот Петар Поп Арсов.
Долгогодишниот претседател на Собранието, Стојан Андов (76), кој во предизборието се повлече од политиката, ќе зема пензија. (О.В.) |