Врие во трите весници на Велија Рамковски
„Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ излегуваат на „мускули“, вработените чекаат плата
Љубиша Станковиќ
Се' понеизвесна е судбината на трите дневни весници „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ што ги издава компанијата „Плус продукција“. Само три дена откако вработените во весниците од „Перо Наков“ одлучија да го намалат бројот на страници и да ги заменат колорните со црно-бели страници, станува неизвесно дали тие и натаму ќе продолжат да излегуваат на пазарот. Овие три весници, освен со недостиг од хартија и материјали за печатење, сега се соочуваат со проблемот со неисплатени плати за вработените за мај годинава.
„Она што засега можам е дека сите ��работени се на своите работни места и редовно ги извршуваат своите работни обврски. Точно е тоа дека вработените ги чекаат своите плати за мај. Работиме во неизвесност, но очекуваме во најскоро време да добиеме некакви информации од менаџментот“, вели главниот и одговорен уредник на „Време“, Коле Чашуле.
Новинарите, не само на весникот „Време“, туку и на „Шпиц’ и „Коха е ре“, и вчера беа на своите работни места, но во јавноста веќе се пласиираа шпекулации што упатуваат на наводен ултиматум, односно дека доколку до денеска не им бидат исплатени мајските плати, тие ќе прекинат со работа и на тој начин ќе се запре издавањето на сите три дневни весници.
„Можеби се подготвува и штрајк, јас да не го знам тоа, но мислам дека такво нешто нема. Јас и пред неколку дена говорев за состојбите во кои се наоѓа не само ’Шпиц’, туку и другите наши весници. И тогаш кажав дека весниците ќе излегуваат, но дека од менаџментот се бара едно подолготрајно решение во смисла на непречено излегување на весникот“, вели Бранко Героски, главен и одговорен уредник на весникот „Шпиц“.
Героски не негира дека меѓу вработените постои одреден револт, предизвикан од неисплатената плата, но е на мислење дека веќе со денешниот ден многу работи ќе бидат појасни и дека е можно да биде исплатена заостанатата плата.
Трите весници во сопственост на Велија Рамковски се соочија со проблеми откако Управата за јавни приходи побара да биде платен данок кон државата во висина од еден милион евра, кој, наводно, бил затајуван во изминатите неколку години. Проблемот на „Време“, „Шпиц“ и на „Коха е ре“ дополнително се усложни со тоа што сметката на „Плус продукција“ со судско решение е блокирана повеќе од половина година.
|