Падна злосторничкото здружување во случајот со Кирил Тодоровски
Градоначалникот на скопската Општина Аеродром и четворицата негови соработници повеќе не се товарат за злосторничко здружување, туку за земање поткуп. Ваквата одлука беше донесена на вчерашното судско рочиште кога Јавното обвинителство изврши преквалификација на обвинението.
Суштинската промена на обвинението е во тоа што петтемина обвинети сега веќе не се товарат за кривично дело злосторничко здружување, но и во тоа што за дело примање поткуп сега се товарат само градоначалникот Тодоровски и раководителот на Секторот за урбанизам Сашо Стојчески.
Обвинетите Ангела Зафировска, Рената Саздовска-Колева и Петар Гајдов се товарат за помагање. За се' друго јавниот обвинител остана на своите тврдења, според кои обвинетите примиле поткуп во висина од 100 илјади евра, колку што, всушност, биле побарани како донација од фирмата „Елинг“ за изградба на црквата „Свети пророк Илија“ во населбата Аеродром.
Со завршниот збор на јавниот обвинител, судскиот процес за предметот што носеше оперативно име „Хиена“ е доведен пред крај.
Ова доведе до „одложување“ на завршните зборови на обвинетите и на нивните бранители, односно новата стратегија на одбраната ќе треба да биде соопштена веќе денеска. Сега обвинетите и нивните адвокати ќе треба да докажат дека во конкретниот случај не постои никаков поткуп, односно дека за средствата што биле исплатени на „Елинг“ не требало да му се прави услуга со легализирање на објектот што тие го граделе, односно дека парите биле исплатени исклучиво како донација за изградба на црквата.
За настанатите промени на обвинението вчера информираше и самата Општина Аеродром од каде што е и ставот дека „со направената правна преквалификација, паднало и најтешкото обвинение со кое градоначалникот се товарел дека е организатор на злосторничко здружување заради извршување кривично дело“. (Љ.С.) |