Црна недела: тројца загинати во сообраќајки во Скопје
Тројца загинати и десетина повредени е билансот на сообраќајните несреќи што се случија во неделата на улиците низ Скопје. Црната недела ја зеде првата жртва околу 15 часот кога на булеварот „Партизански одреди“ спроти Универзалната сала, како последица од удар на автомобил, загина велосипедистот Крсте Ј. (78) од Скопје. Во него удри такси-возило „шевролет“, кое се движело со неприспособена брзина. Крсте Ј. се здобил со тешки повреди, на кои им подлегна на пат кон Ургентниот центар.
Осумдесет и едногодишната Марија Китева од Скопје настрада кога во неа удрил автомобил „мерцедес“, управуван од З.П. (46) од Скопје. Несреќата се случила во 16,40 часот на раскрсницата од „Партизански одреди“, „Љубљанска“ и „Московска“, информираат од МВР. Китева починала на пат кон Воената болница.
Еден час претходно, на булеварот „Словенечка“ на патот кон граничниот премин Долно Блаце, се случи сообраќајна несреќа во која загина скопјанецот Хаќим Сулејмани (47). Тој управувал автомобил „сеат кордоба“, кој се судрил со „мерцедес“, управуван од В.Ј. (19) од Скопје. По судирот, возачот на „сеатот“ починал на местото, додека сопатниците Б.З. (26), Ш.Б. (43) и М.Б. (51), сите од Косово, како и возачот на „мерцедесот“ биле пренесени во скопските болници.
Полицијата информира и за уште една сообраќајка што се случи вчера околу два часот по полноќ на улицата „Првомајска“ во Скопје. Дваесет и седумгодишниот И.А. од Скопје, од се' уште неутврдени причини, изгубил контрола врз својот автомобил „голф“ и удрил во бетонска жардиниера. Со тешки телесни повреди се здобил сопатникот З.И., кој е пренесен во Клиничкиот центар и е во животна опасност. (Г.А.) |