Автомобили
Хенеси веном GT нов брзински рекордер?
Подготвува: Владимир Ристовиќ
Горан Керим
Американско-англискиот супер спортски болид, што треба да биде лансиран на пазарот во 2012 година, има исклучителни спецификации. Целта на конструкторите била да создадат „соперник“ на „бугати верон“ (Bugatti Veyron), а сето тоа го постигнуваат со примена на поедноставна техника.
Шасијата и некои елементи на каросеријата, која во најголем дел е изработена од карбонски влакна, се базираат на англискиот спортски модели „лотус ексиџ“ и „лотус елисе“ (Lotus Exige i Elise). Тие што ги познаваат спомнатите модели веднаш ќе ја забележат сличноста, но таа тука завршува.
Аеродинамиката на каросеријата е така структуирана да има мобилни делови што креираат сила која просто го „лепи“ возилото за патот кога го возите со големи брзини.
„Веном GT (Venom GT) има компактни димензии, должина од 4.655 милиметри, широчина од 1.960 и меѓуоскино растојание од 2.800 милиметри. Вториот важен елемент кај овој суперспортски автомобил е неговата мала маса. Со тежина од само 1.220 килограми и со потпирање што може да се регулира по висина за 60 милиметри. тој ги има сите предиспозиции за постигнување супербрзини и врвни возни карактеристики. Како резултата на сето ова е неверојатната директност при управувањето на Venom GT, како да возите со голем картинг.
Моторот е зајмен од „шевролет корвета ZR1“ (Chevrolet Corvette ZR1), уште еден брутален спортист од другата страна на Атлантикот. Но, во овој случај се направени многубројни модификации. Станува збор за алуминиумски V8 агрегат, поставен назад - централно, со зафатнина од 6.200 кубни сантиметри. Со помош на двата турбокомпресора моторот развива енормна сила од 1.200 коњски сили при 6.500 вртежи во минута (само да напоменеме дека максималниот број вртежи на овој моќен агрегат изнесува 7.200 вртежи во минута). Силата се пренесува со шестстепен мануелен менувач на задните тркала, а односот сила/ маса е навистина фантастичен - 767 коњски сили на еден тон.
Перформансите се за восхитување. Од „место“ до 100 километри на час забрзува за 2,5 секунди, односно од „0“ до 320 километри на час за 15,9 секунди. Само колку за компарација, на „бугати верон“ (Bugatti Veyron) за тоа му се потребни 24,2 секунди. Максималната брзина, теоретски, изнесува 440 километри на час. Со што би поставил нов брзински рекорд во класата на суперспортски автомобили.
Сопирачките имаат дискови со дијаметар од 380 милиметри и изработени се комбинација на керамика и карбонски влакна, а пак, пневматиците се „мишелин пилот-суперспорт“ (Michelin Pilot Super Sport), напред со димензии 255/30/20 а назад уште по впечатливи - 345/30/20.
Во „Хенеси“, од овој модел, планираат производство од само 10 единици годишно. Сите сопственици добиваат еднодневна обука за возење на тркачка патека со нивниот „веном GT“ (Venom GT). Цената на овој мошне ексклузивен спортски болид би требало да изнесува некаде околу 522000 евра.
Според „Глобал грин брендс рапорт“, „Тојота“ е број 1
„Тојота“ е убедливо најзелениот бренд во листата на „најзелени брендови“, извештај објавен од страна „интербренд“ (Interbrand), бренд консалтинг-агенција. Студијата ги зема предвид јавно достапните информации за придонесот на брендот кон животната средина заедно со перцепцијата на јавноста за брендот во придонесот за заштита на животната средина.
Во овој рапорт „Тојота“ е водечки пример за поставување на важноста на заштитата на животната средина како една од главните приоритети во корпорацијата. Покрај тоа, во „Тојота“ се стремат кон зачувување на природните ресурси преку рециклирање на отпадните материи, а воедно и да ги извршува сите свои активности во хармонија со природата.
Клучен фактор за „зелените перформанси“ на „Тојота“, според извештајот, е хибридната технологија. Од своето лансирање во 1997 година, иконата „приус“ - сега во третата генерација - придонесе за вкупната продажба на 3,2 милиони „Тојота“ и „Лексус“ хибридни возила во светот, нудејќи им на клиентите од целиот свет возила со исклучителни еколошки перформанси.
На долг рок, „Тојота“ работи на неколку проекти за заштита на животната средина како што се: соларниот ѕид во фабриката во Валенсија, Франција, соларните панели во фабриката во Велика Британија, како и планот за поставување на две турбини на ветер во центарот за логистика во Белгија.
Инаку, при сондирањето „Интербренд“, анкетирал околу 10.000 потрошувачи во 10 од најголемите пазари во светот (вклучувајќи ги и САД, Јапонија, Кина, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Бразил, Шпанија и Индија) за да се измерат потрошувачите перцепции на брендот за неговите „зелени перформанси“.
Нов суперспортист на „Руф“
НГерманската компанија РУФ (RUF) откри нови детали за третата верзија на суперавтомобилот, тотална преработка на „порше CTR 3“. За разлика од претходните два, CTR 3 се одликува со не многу силен мотор (другите два имаа мотори поставени зад задната оска) и целосно нова шасија со продолжено меѓуоскино растојание. CTR 3 е со тело направено од галванизиран челик, конструкција е од цевки, на која е фиксиран моторот, со карбон панели на каросеријата, како и алуминиумска хауба и врати. Моторот е 3,8 литарски би-турбо, боксер, кој р��звива максимална сила од 740 КЅ и вртежен момент од 960 Nm, а менувачот е шестстепен, секвенционален. Секоја од турбините е опремена со посебен интеркулер, позициониран пред секое од двете задни тркала. Забрзувањето на автомобилот тежок 1.400 килограми од место до 100 km/h е само 3.2 секунди, а до 200 km/h - 9.6 секунди. Максималната брзина изнесува 380 km/h. Возилото располага со заштитна ќелија и карбон-керамички дискови.
Внатре ве очекува сензибилен ентериер, микс од спортски и луксузни елементи. Така, достапни се материјали како што се алкантара и природна кожа, но од РУФ посочуваат дека секој клиент самиот, по свој вкус, може да ја креира внатрешноста на возилото.
Цената на „Руф CTR3“ се' уште не е позната. Се очекува да биде поскап од својот претходник што се продаваше по цена од 193.000 фунти.
„Ленд ровер евоук“ - кабриолет
„Топлес“-изведбата на најмалиот член на семејството на „ленд ровер“ ќе биде класична кабрио-изведба, за разлика од досегашните отворени „џипчиња“, кои беа голи само во задниот дел.
Покривот би требал да биде од платно, но не се исклучува ниту можноста целиот да биде метален. Кабрио моделот, инаку, ќе се темели на спортскиот модел со три врати, од кој ќе ја зајми и целосната моторизација.
Моделот ќе се нуди првенствено на американскиот пазар, по што ќе следува и освојување на Стариот континент и на другите светски пазари. |