Велимир Стојковски нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Изборот на новиот ректор падна во сенка на обвинувањата од Младинскиот образовен форум
Жаклина Хаџи-Зафирова
Велимир Стојковски од Ветеринарниот факултет е нов ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ќе раководи со оваа високообразовна институција во наредните четири години. За Стојковски вчера гласаа 42 сенатори, додека неговиот противкандидат, досегашниот ректор, кој доаѓа од Земјоделскиот факултет, Ѓорѓи Мартиновски доби 17 гласа од членовите на највисокото универзитетско тело, новоформираниот универзитетски Сенат. На конститутивната седница на Сенатот вчера беа избрани и новиот претседател на ова тело, Гордана Богоева-Гацева, професорка на Технолошко-металуршкиот факултет, и заменик-претседател, Сашо Јосимовски од Економскиот факултет.
Сепак, вчерашниот избор на новиот ректор падна во сенка на обвинувањата од страна на Младинскиот образовен форум за студентски скандал. Тие го прозваа Сенатот на УКИМ за нелегално верификување мандати на 10 члена на Сојузот на студенти, кои вчера гласаа за нов ректор. Според МОФ, Сојузот на студенти нелегално и набрзина се преименувал во Студентски парламент, без претходно да се одржат избори на кои студентите ќе изберат членови на парламентот. Во МОФ се револтирани што на вчерашната седница не била разгледувана нивната претставка за овој случај, за кој најавија прес-конференција.
Во исклучително долгата процедура, која вчера се одвиваше во просториите на Ректоратот на Скопскиот универзитет, пред изборот на новиот ректор се конституира новиот Сенат. Откако се избраа првите луѓе на Сенатот, се гласаше за иден прв човек на Универзитетот. Од вкупно 60 гласа, само едно ливче беше неважечко, а повеќето членови гласаа за Стојковски.
Навидум молчаливиот проректор за настава, Стојковски, кој ја презеде ректорската функција, вчера по изборот најави поуспешно имплементирање на Законот за високо образование, за кој смета дека е можеби најголем предизвик за Скопскиот универзитет, кој идната годин�� навршува 60 години. Со Законот, потенцираше Стојковски, ќе се реогранизира Универзитетот, односно тој ќе се интегрира заедно со неговите членки. Стојковски планира и подобра соработка со бизнис-заедницата.
„Посебно ќе се фокусираме на поголема врска меѓу Универзитетот и стопанството, промовирање флексибилни наставни програми кои ќе можат да одговорат на брзите промени во стопанството и глобалните промени на пазарот на трудот. Посебно внимание ќе се посвети и на подобрување на квалитетот во сите сегменти“, рече Стојковски за медиумите.
На новинарско прашање дали се надева дека Универзитетот ќе добие повеќе финансии во неговиот мандат, тој кусо одговори: „Се надевам, тој што бара - ќе добие“.
Финансиите беа една од главните точки на кои се задржа Стојковски додека ја излагаше својата програма пред присутните членови на Сенатот. „Нашиот Универзитет мора да излезе на европскиот пазар, а државата ќе мора да ни помогне во тоа“, смета Стојковски. Тој додаде дека помошта од државата мора да се интензивира, за разлика од досегашната практика, посебно во однос на примена на Болоњската декларација.
На Универзитетот вчера негираа дека ја добиле претставката на Младинскиот образовен форум, за која објаснија дека, и да ја добиле, не се обврзани да расправаат, бидејќи станува збор за организација која не е репрезентативна во универзитетските тела.
Од Младинскиот образовен форум рекоа дека ќе причекаат да заврши изборот на новиот ректор за да не се политизира нивната реакција во врска со нелегитимното верификување на мандатите на претставниците на студентите. „Верификационата комисија незаконски назначи 10 члена на седницата на Сенатот на УКИМ“, тврдат од МОФ. Според нив, откако Уставниот суд донел одлука дека Сојузот на студент не е единствената форма на организирање на студентите, ССУКМ веднаш се пререгистрирал во Студентски парламент. Овој парламент, според МОФ, не е законски, бидејќи за претставниците на парламентот на факултетите не се одржани избори како што тоа го предвидува законот.
Самоил Малчевски од ССУКМ вчера демантираше дека Сојузот студенти е пререгистриран во Студентски парламент. „Сојузот на студенти е згаснат и ние одново формиравме организација Студентски парламент која привремено ќе функционира до ноември кога ќе се одржат избори. МОФ е невладина организација од 25 средношколци и пет студенти кои не ги задоволуваат нашите критериуми и сега измислуваат топла вода“, ни изјави Малчевски. |