Прилепската болница доби нова опрема
Прилеп - Хируршкиот оддел во Градската болница во Прилеп од вчера е опремен со нов универзална хируршка маса, високо квалитетно оперативно светло со два сателита, нови анестезиолошки и ЕКГ- апарати или најсовремена опрема за хируршката сала во вредност од 180.000 евра. Оваа опрема е дел од Програмата на Министерството за здравство за реконструкција и модернизација на здравствените установи во државава, што се реализира со кредит од италијанската влада во вредност од околу 2,5 милиона евра.
„Министерството им помогна на здравствените установи со 800 милиони денари за да се доведат до салдо нула. За да бидат конкурентни со приватниот сектор, сега е неопходно опремување со современа опрема, но и доедукација на медицинскиот кадар“, истакна заменик -инистерот Владимир Поповски вчера во Прилеп, кога и беше предадена во употреба новата хируршка сала.
Пред два месеца оваа здравствена установа, каде што се згрижуваат над 200.000 пациенти од поширокиот регион: Прилеп, Македонски Брод и Крушево, е опремена и со 14 нови современи ЕКГ-монитори, апарат за бихемиската лабораторија, а во наредните 2-3 недели, според најавите, болницата ќе добие и најсовремен биохемиски анализатор со капацитет од 200 анализи на час и рендген-апарат или опрема во вкупна вредност од 120.000 евра. До крајот на годинава болницата ќе биде опремена и со нов компјутеризиран томограф и низа други апарати за сите оддели кои значително ќе го подобрат квалитетот на услугите. (Мн.Т.) |