Број 3363  петок, 20 август 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Свет

Kрај на наркотуризмот во Холандија?

МАСТРИХТ - Една неодамнешна летна ноќ кафулето „Изи Гоинг“ на Марк Јоземанс беше преполно. Редовите за да се купи марихуана и хашиш се протегаа до приемниот дел, каде што купувачите чекаа зад стаклени прегради. Повеќето беа млади. Мал дел од нив беа Холанѓани.

Илјадници наркотуристи доаѓаат во овој мал, живописен град во југоисточниот дел на Холандија секој ден, како и два милиона годишно, велат официјални претставници на градот. Нивна единствена цел е да ги посетат тринаесетте кафулиња во градот каде што можат да купат различни видови марихуана, познати како „биг бад“, „амнезија“ и „голд палм“ без страв дека поради тоа ќе бидат прогонувани.

Тоа е атракција од која Мастрихт и другите градови на границата на Холандија сега со задоволство би се откажале. Обидувајќи се да ги намали сообраќајните метежи и високата стапка на криминал, градот притиска неговата легализирана употреба на рекреативни дроги да стане политика само за Холандија, да се забрани продажба на странци, кои ја минуваат границата поради уживање. Но, дали законите на ЕУ за слободна трговија ќе го дозволат тоа, е друго прашање.

Овој случај, што сега навлегува во судовите, е внимателно следен од правни експерти како тест дали Европскиот суд на правдата ќе направи исклучок во трговските правила и ќе дозволи безбедносната загриженост на една земја да ја надгласа гаранцијата на ЕУ за обединет и неограничен пазар за производи и услуги.

Градските претставници велат дека со ужасување гледале како политиката за толерирање на дрогата, наменета да ја држи безбедна младината во Холандија - и воведена многу одамна пред границите на Европа да станат толку проодни - се преобликувала во нешто сосема друго. Општините, како што е Мастрихт, кои се во близина на Белгија, Франција и на Германија, станаа регионални центри за снабдување со дрога. Мастрихт сега има стапка на криминал три пати поголема од онаа во холандските градови со слична големина, кои се далеку од границата.

„Тие доаѓаат со автомобили, прават многу бучава итн.“, вели Герд Леерс, кој беше градоначалник на Мастрихт осум години. „Но, најлошиот дел е што оваа група, оваа огромна група, е атрактивна цел за криминалците кои сакаат да продаваат нивни производи, силни производи и тие се тука пречесто“. Во последниве години криминалот во Мастрихт, град со калдрмисани улици и средновековни структури, донесе и престрелка на патот, во која учествуваше бугарски атентатор ангажиран да убие ривалски производител на дрога.

Леерс ја опишуваше можноста да се забрани продажбата на дрога за странци, како потфат со голем ризик. Меѓутоа, во јули Мастрихт напредуваше. Јавниот обвинител од Европскиот суд на правдата, Ив Бот, издаде одлука за тоа дека наркотици, како што е канабис, не се производи како другите и дека нивната продажба нема полза од слободата на движење што е гарантирана со европскиот закон.

Леерс ја опиша одлуката како „многу охрабрувачка“. Сопствениците на кафулињата ја гледаат поинаку. „Нема начин ова да опстане“, вели Џон Декерс, портпарол на здружението на сопственици на кафулиња од Мастрих. „Тоа е дискриминација против граѓаните на Европската унија“.

Доколку Мастрихт успее, многу други холандски општини, сигурно, ќе го следат примерот. Минатата година два мали града во Холандија, Росендал и Берген оп Зоом, решија да ги затворат своите кафулиња откако анкетите покажаа дека повеќето купувачи се странци. (Њујорк тајмс)


#
Статијата е прочитана 965 пати.

Испрати коментар

Од: Davor Kamenko
Датум: 20.08.2010 14:54:58
Ako taka treba! Treba vo sekoja drzava koristenjeto da e legalizirano za onie sto treba da upotrebuvaat a ne da se pravat pari od turizam. Mislam deka marihuanata treba da e dostapna za site sto imaat medicinska potreba da ja kosristat a ne da pretstavuva sredstvo za zabava!

Најди! во Утрински
Свет
Франција депортираше 93 Роми во Романија
Збогум, Ирак
И Карла дел Понте пред Судот во Хаг
Американска војска дојде на границата
Главаш остана без ордени