Франција депортираше 93 Роми во Романија
ПАРИЗ - Контроверзното протерување на Ромите од Франција почна вчера, кога 93 Роми беа авионски иселени од земјата и вратени во Романија од каде што потекнуваат. Француските медиуми вчера потврдија дека два авиона, едниот од Париз, а другиот од Лион, се упатиле кон Букурешт. Ромите се враќаат доброволно откако добија по 300 евра од француската влада, но министерот за внатрешни работи на Франција предупреди дека камповите на Ромите ќе бидат принудно демонтирани, а илегалните жители ќе бидат депортирани за три месеци.
Депортираните Роми се граѓани на ЕУ, од Романија или од Бугарија, но француските закони инсистираат на тоа дека посетител на ЕУ, кој сака да остане во земјата подолго од три месеци, мора да има работна дозвола.
Ромите, наводно, доброволно побарале враќање дома за што добиле по 300 евра и по 100 евра за секое дете. Но, некои од нив не барале враќање: „Во Романија можеш да работиш 30 дена по 12-15 часа дневно и да добиваш 150 евра... тие пари не се доволни за јадење, за да се прехранат децата“, изјавил неименуван маж за Ројтерс додека се подготвувал за летот од Париз кон Букурешт.
Романскиот министер за надворешни работи го опиша овој чекор како ксенофобичен.
Во наредните недели е планирано депортирање на уште 700 Роми, а француските власти издадоа наредба за уривање на околу 300 ромски населби.
Со потегот што го издигна претседателот Никола Саркози во анкетите на јавното мислење, владата нареди демонтирање на околу 300 ромски населби што беа изградени без дозвола, како и протерување на одреден број Роми од земјата и нивна репатријација во Романија.
Париз, од своја страна, тврди дека тоа е во согласност со европските правила. Портпаролот на министерството за надворешни работи, Бернар Валеро, изјави за новинската агенција АФП дека европскиот закон „недвосмислено дозволува ограничување на правото на слободно движење поради јавниот ред, јавната безбедност и јавното здравство“.
Досега се демонтирани околу 51 камп во периодот пред депортациите. Во меѓувреме, 79 Роми вчера беа авионски вратени во Букурешт како дел од, како што нагласува владата, доброволната репатријација. Вториот лет е предвиден за идната недела, а уште еден во септември. Се очекува вкупно 700 Роми, од околу 15.000 кои се наоѓаат во земјата, да бидат протерани.
Париз соопштува дека поединци се согласиле да се вратат во Романија во замена за 300 евра по човек. Децата добиваат помала сума, по 100 евра, за согласност да ја напуштат Франција. Европскиот закон дозволува слободно движење на граѓаните на ЕУ каде било во 27 земји-членки на Унијата. И покрај протерувањата, не постои начин поединци да се спречат да се вратат во Франција уште следниот ден.
Комисијата претходно наиде на остри критики од поборниците за човекови права поради дистанцирањето од ова прашање, истакнувајќи дека комисијата не е компетентна за прашање што е во надлежност на земјите-членки.
Романскиот министер за надворешни работи, Теодор Баконши, исто така, изрази загриженост во врска со протерувањата од Франција. „Загрижен сум поради ризиците од популизам и ксенофобни реакции во заднината на економската криза“, изјави тој за романскиот сервис на Радио Франс интернешенел. (ЕУ обсервер) |