Новиот Управен суд - неажурен!
Новата судска институција не успева да го совлада ни новиот прилив, кој досега ја достигна бројката од 2.827 предмети
Гордана Дувњак
Новоформираниот Управен суд ќе ја заврши првата година од своето постоење како неажурен суд, со што ќе ја дели судбината на најголемиот број судови во државата. Главната причина за тоа е што судиите не успеале да се справат ниту со новите предмети, а камоли да излезат на крај со заостанатите.
Заклучно со 1 септември решени се 1.900 предмети, додека само годинашниот прилив ја достигна бројката од 2.827 нови предмети.Судот во моментов има во работа вкупно 8.000 предмети, од кои само 6.674 предмети се преземени кон крајот на минатата година од Врховниот суд, кој со новите законски прописи ја изгуби надлежноста во управните спорови. Отприлика исто толку, колку што се „наследени“, или поточно 6.912 предмети, се водат како се' уште нерешени.
Управниот суд во моментов брои 22 судии, од кои последните тројца судии се дојдени со неодамнешното проширување на систематизацијата на бројот на судиски места што го направи Судскиот совет.
Сепак, и покрај овие показатели, претседателката на Управниот суд, Розалија Кочовска, е задоволна од постигнатото за првите девет месеци.Таа вели дека треба да му се даде шанса на овој суд и да се има разбирање за него, бидејќи се' уште се на почеток и се соочуваат со проблеми. Тврди дека интензивно работат на решавање на старите предмети и веќе се расчистени предметите што датираат од 2002-2004 година. До крајот на годинава, таа се надева дека нема да има ниту еден заостанат предмет од 2005 година.
„Во просек се решаваат по 300 предмети месечно.Постигнатите резултати заслужуваат почит, бидејќи до 10 јули судиите беа оставени сами на себе.
Буквално беа и дактилографи и стручни соработници. Потоа, добивме 5 стручни соработници, кои малку им ја олеснија работата.Во наредниот период очекуваме да добиеме уште 7, кои ни се одобрени, но се чека да завршат процедурите во Агенцијата за државна администрација“, додава првиот човек на овој суд.
Таа појаснува дека предметите од Врховниот суд ги примиле на 5 декември минатата година, а на 20 јануари завршило презаведувањето на предметите. Во почетокот презеле 6 вработени од највисокиот суд и тројца дактилографи на договор, но најголемиот товар паднал на судиите.Само во еден ден во јули добиле 1.060 прекршочни предмети, што било резултат на судирот на надлежности. Дури сега треба да почне со префрлање на старата база на податоци од Врховниот суд, во која се наоѓаат сите решени предмети од практиката. Кочовска се надева дека и тоа во голема мера ќе им ја олесни работата на судиите.
„Законот предвидува секој судија да има по еден стручен соработник, кој треба да му помага во работата. Доколку би ги имале оптималните услови за работа, убедена сум дека судиите двојно би ги зголемиле резултатите“, нагласува претседателката Кочовска, која очекува дека и со новиот број стручни соработници кои допрва треба да дојдат , значително ќе се подобри просекот на решени предмети.
На забелешките што се упатуваат на сметка на стручноста на судискиот кадар, таа одговара: „Кога се избира судија, тоа се правници со положен правосуден испит, кои се обучени да ги применуваат законите“. Сепак, додава дека судиите поминале интензивна обука и постојано се надградуваат. Задоволна е од меѓучовечките односи и вели дека веќе имаат позитивен реакција од граѓаните.
„Ниеден граѓанин не е вратен, дури и ако дојде без најава. Граѓаните имаат право да побараат и приоритет при решавањето на предметите. Но, најважно е судиите да работат совесно и законито“, подвлекува Кочовска.
Во Управниот суд се формирани шест специјализирани судски оддели, а постојат седум судиски совети, бидејќи поради приоритетноста на предметите за денационализација, за оваа област работат два совета.
Првиот оддел ги решава случаите кои се однесуваат на имотноправна област, катастар и образование. Два совета се задолжени за предметите поврзани со денационализацијата, експропријацијата, деексприпријацијата и трансформацијата. Третиот оддел е посветен на прашањата од областа на урбанизмот, градежништвото, водостопанството, земјоделството, стопанството, сообраќајот и врски, игрите на среќа и радиодифузијата. Судиите од четвртиот оддел се занимаваат со пензиите и другите права од пензиското и инвалидското осигурување, социјалната заштита, здравственото осигурување. Посебен оддел ги решава јавните набавки, права по основ на невработеност, јавни давачки, даноци, акцизи, разрешувања од должност, конкуренција, адвокати, пристап до информации. Како посебна област се групирани предметите кои се однесуваат на царините, таксите, надоместоците, статусните прашања, патните исправи, возилата, оружјето, правата од индустриска сопственост и авторските права, жиг, банкарските работи, концесиите, одбраната, деловните субјекти, енергетиката и заштитата на споменицитер.
|