Ахмадинеџад од Либан го нервира Израел
Врз конвојот на Ахмадинеџад во средата фрлаа ориз и цвеќиња на патот од аеродромот во Бејрут кон претседателската палата
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад ќе го посети јужниот дел на Либан, во близина на израелската граница. Тој е во вториот ден од државната посета што беше оценета како провокативна од Израел, САД и од некои Либанци. Во средата Ахмадинеџад беше пречекан од голема толпа и присуствуваше на собирот организиран од Хезболах. Тој го пофали Либан за „отпор кон светските тирани“. Меѓутоа, исто така, додаде дека Иран поддржува силен и обединет Либан.
Иран се��иозно придонесе во повторната изградба на селата уништени во јужниот дел на земјата за време на војната што се водеше во 2006 година меѓу Израел и Хезболах. Во граничната област меѓу Либан и Израел ретко кога нема тензии. Во август двајца либански војници, либански новинар и висок израелски армиски офицер беа убиени во судирите предизвикани од потсекувањето дрво на израелската страна од границата.
Врз конвојот на Ахмадинеџад во средата фрлаа ориз и цвеќиња на патот од аеродромот во Бејрут кон претседателската палата. „Ние поддржуваме силен и обединет Либан. Ние секогаш ќе ги поддржуваме либанската влада и нејзиниот народ“, изјави тој стоејќи покрај претседател Мишел Сулејман. Меѓутоа, тој додаде дека Иран е подготвен да му помогне на Бејрут да се соочи со секоја израелска агресија. „Сигурно ќе му помогнеме на либанскиот народ против анимозитетите, главно, предизвикани од ционистичкиот режим“, изјави тој, осврнувајќи се на Израел.
Голем број Либанци се вознемирени од посетата, бидејќи Иран го поддржува Хезболах, моќна шиитска исламистичка група во чија војна со Израел беа убиени 1.200 Либанци и 160 Израелци. Членови на либанското парламентарно мнозинство поддржано од Запад ја оценија посетата како провокативна, велејќи дека Ахмадинеџад се обидува да го трансформира Либан во „иранска база на Медитеранот“.
Израел го обвинува Иран за снабдување на Хезболах со оружје, меѓутоа, официјални лица блиски до групата наместо тоа ја нагласуваат поддршката на исламската република на реконструкцијата. Тие наведоа дека тие потрошиле околу една милијарда долари од парите на Иранците од 2006 година за помош и обновување. „Ахмадинеџад направи многу за Либан, тука сме за да му се заблагодариме“, рече 18-годишниот студент по инженерство Фатима Мазех за АП. „Тој не го контролира Либан. Сите имаат ум и можат сами да размислуваат. Тука сме да застанеме покрај него во тешки времиња“.
Меѓутоа, на други места во земјата, на Хезболах и неговиот патрон се гледа со сомнение. „Јас сум згрозена од оваа посета“, изјави Мона, 23-годишна христијанка за новинската агенција АФП. „Тие му се обраќаат на Ахмадинеџад како на спасител, но се' што тој ни донесе се проблеми“.
Државната посета, исто така, дојде во време на тензии поради истрагата на ОН за атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири извршен во 2005 година. Се верува дека Трибуналот на ОН е пред поднесување на обвинителни акти, вклучувајќи и такви во кои ќе бидат именувани членови на Хезболах. Премиерот Саад Харири е под притисок од Хезболах и од Сирија да ја осуди истрагата на смртта на неговиот татко. (Би-Би-Си) |