Индонезијците не го разбираат антимуслиманскиот Холанѓанин
Индонезија е поранешна холандска колонија, која стекна независност во 1945 година
Во Индонезија луѓето понекогаш ме прашуваат: „Кој е Керт Вилдерс?“ Иако е познат во Холандија и во соседните земји, едвај некој слушнал за Герт Вилдерс во поранешната холандска колонија, која стекна независност во 1945 година. Јас објаснувам дека Вилдерс го режираше филмот „Фитна“, каде што се тврди дека исламот е варварска религија. Исто така, им кажувам дека тој потекнува од истиот кампонг (населба или село) како и јас, поради што имаме ист акцент. И за да ја кажам вист��ната укажувам дека тоа нема никаква врска со нашата друга заедничка карактеристика, дека и двајцата имаме побелена руса коса. Последново вообичаено предизвикува смеа, но следното прашање е: „Што има тој против муслиманите?“
Приближно 800.000 луѓе од индонезиско потекло живеат во Холандија, која се' уште има полза во Индонезија од угледот дека е мала ексцентрична земја каде што се' е дозволено: земјата на слободата и толеранцијата, каде што хомосексуалците се бакнуваат во градските собранија, каде што бакалниците продаваат дрога и каде што секој добива ист непристрасен третман. Повеќето Индонезијци допрва треба да дознаат дека големиот трендсетерски политичар во Холандија, чивијата во новата холандска влада - го опиша исламот како назаден и варварски.
Индонезијците немаат време за морализаторски проповеди.
Големо мнозинство Индонезијци се побожни. Многумина би му завидувале на некој холандски свештеник за големината на црковните заедници во земја каде што, без оглед дали е хиндуизам, ислам, христијанство или будизам, религијата има голема улога и е главен извор на инспирација во секојдневниот живот. А бидејќи се искрени верници, повеќето Индонезијци ја интерпретираат навредата на нивната религија како лична навреда.
Индонезија, исто така, е земја која е горда на себе, бидејќи е место каде што исламот и демократијата функционираат заедно - место каде што, и покрај постоењето на мал број предизвикувачи на безредија, и натаму преовладуваат умерените муслимани. Во таа земја со муслиманско население од над 200 милиони жители - повеќе отколку на целиот Блиски Исток - светите денови на петте главни вери се признати како државни празници. Со векови, христијаните и муслиманите меѓусебно се посетуваат за да си честитаат за Божик и за Еид ал-Агха.
Последнава деценија, влијанието на арапскиот свет, во заднината на глобализацијата, се' повеќе се истакнуваше. Но, тоа не придонесе многу за да се сменат ставовите на големото мнозинство индонезиски муслимани, кои немаат време за морализаторски проповеди што го нарушуваат јавниот ред и ја нарекуваат нивната религија со погрдно име: ниту, пак, имаат каква било врска со екстремисти, или бомбашки напади и воени кампови за обука.
Индонезијците не сакаат да ги диктираат политичките настани во друга земја, но мнозинството од нив смета дека тие се намерно навредени и понижени од поранешната колонијална сила, од која никогаш не побарале ниту, пак, некогаш реално добиле извинување за злосторствата од минатото. Без оглед што вели некој, во многу земји во светот новата холандска влада ќе се гледа како антимуслиманска.
Но, дали Холанѓаните навистина се против исламот? Во селото каде што сум роден, на јужниот крај од Лимбург, има едвај повеќе од десетина муслимани. А, сепак, не ме изненадува што речиси 30 отсто од населението гласаше за Партијата за слобода. Реално, повеќето од нив се горди да видат некој локален граѓанин, од Лимбург, да ги прекори северните Холанѓани. Тешко дека тоа е омраза за исламот - туку повеќе погрешен израз на провинциска гордост. (ЕУ обсервер) |