Број 3100  петок, 02 октомври 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Презентирани археолошки наоди од локалитетот Злетовица

Иван Бојаџиски


ШТИП - Синоќа во Штип, во уметничката галерија „Безистен“, беше отворена изложба на која се презентирани 172 археолошки експонати од различни периоди кои беа откриени во двегодишното археолошко истражување „Злетовица“. Пред бројната публика во култниот простор на уметноста, изложбата ја отвори д-р Драги Митевски, професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Претходно на прес-конференција за откриените артефакти говореа директорот на штипскиот музеј, Зоран Читкушев, и археологот Трајче Нацев, кој раководеше со истражувањата.

Според Читкушев, група од дваесет стручни лица, археолози и конзерватори на 33 локалитети во ова подрачје работеа од средината на септември 2007 година до јуни годинава. На терен работеа и околу двесте општи работници.

„Откако откривме значаен археолошки материјал, побаравме помош од други музеи во Македонија. Првпат во нашата историја, во текот на самите истражни работи вршевме и конзервација на археолошкиот материјал од кој еден дел е предмет на оваа изложба“, потенцира Читкушев.

На изложбата се презентирани наоди од тринаесет археолошки локалитети. Меѓу нив има археолошки остатоци од неолитот, бронзеното и железното време, од македонскиот период од 4 век, од римскиот период, па се' до средниот век. Археологот Трајче Нацев, кој раководеше со проектот, вели дека на оваа изложба се презентирани експонати кои говорат за материјалната и духовната култура на нашите предци на овие простори. „Имаме предмети од керамика, монети и стакло. На изложбата претставуваме и две печки, едната за сушење глинени предмети, а другата најдена во куќа за приготвување храна. Имаме и делови од керамички цевки од римскиот водовод кои служеле за довод на вода до населбите. Интересно е тоа дека цевководот од времето на нашите предци ја имал речиси истата траса по која денес минува цевководот од хидросистемот ’Злетовица’. На овој терен, во локалитетот Грнчарица го откривме и најстариот скелет во Југоисточна Европа, познат како Славе Македонски“, вели Нацев.

Според директорот Зоран Читкушев, минатата година археолошките локалитети во Штипско, како и Галеријата на икони, постојаната археолошка поставка каде што се изложени 998 експонати од разни периоди и уметничката галерија „Безистен“ ја посетиле над 6.000 граѓани, голем дел и странци. Штипскиот музеј донесе одлука од почетокот на овој месец да наплатува влезници за сите галерии и археолошки локалитети.

„Деновиве имавме група од 250 странски туристи кои посакаа да ги видат сите галерии и археолошките локалитети Баргала и Злетовица. Тие останаа занемени бидејки не се наплатува влезница. Отсега ќе работиме како сите вакви институции, а влезниците ќе чинат од 20 до 50 денари“, укажува Читкушев.


#
Статијата е прочитана 339 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Споменикот на Меџитлија ги раскара Егејците
ДПА бара спречување на политичката и етничката криза