Споменикот на Меџитлија ги раскара Егејците
Егејските здруженија од Битола незадоволни од изборот на локацијата за споменик
БИТОЛА - „Споменици не се прават во змијарници, туку на пристојни локации“. Со вакви реакции излегоа егејските здруженија од Битола по одлуката на Советот да се изгради споменичен комплекс на самата граница со Грција.
Станува збор за споменик во атарот на селото Лажец, на магистралниот пат М-5 Битола, на Меџитлија. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ иако кренаа два прста за одлуката, сепак, не знаеја да кажат во чија чест ќе се гради споменикот. Егејците потврдија дека тој ќе биде за децата-бегалци. Сепак, локацијата и начинот на кој се одвиваат работите ги дораскараа Егејците и уште повеќе ги зголемија тензиите меѓу нив.
„Како заедница не ја поддржуваме оваа одлука споменикот за децата-бегалци да се гради во Лажец, надвор од населено место. Спомен-обележјата се прават за да бидат посетувани и негувани. Во Лажец тоа ќе биде змијарник, не се прави споменик на запуштени локации“, незадоволно реагираше Никола Костурски, претседател на Заедница на организациите на етничките Македонци протерани од Грција.
Ова битолско здружение е огорчено затоа што иницијативата за изградба на споменичен комплекс во чест на Егејците до Владата ја доставило здружението „Македон“.
„Во Битола има три здруженија на Егејците и ниту едно од овие не ја побарале локацијата ниту, пак, ја поддржуваат. Ова е идеја на некое новоформирано здружение од Скопје, кое има свои амбиции и цели да се додворува до овој или оној и успеваат во тоа“, заклучува Костурски.
Според други здруженија на Егејците, подигнувањето вакви споменици е во рамките на програмата донесена во јануари годинава за одбележување на 60-годишнината од завршувањето на Граѓанската војна во Грција и не треба да се подразбере како провокација. Споменици ќе се градат не само во Битола, туку и во Струмица и во други градови каде што беа прифаќани децата-бегалци.
„Владата не' поддржа како републичко здружение на децата-бегалци да се градат повеќе споменици низ државата. Но, зошто Советот ја одбра таа локација, не навлегувам во тоа. Можело да биде и на друго место, тоа е нивна оценка. Меѓутоа, не треба да се сфати како провокација“, изјави Горѓи Доневски од Здружението на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Тој дополни дека дури и Комунистичката партија на Грција ги стимулирала Егејците од Македонија да подигнат спомен-парк на загинати и починати борци во Граѓанската војна во Грција токму во Катлановско.
Доневски реагираше и на дел од изјавите на битолските политичари, дека со изградбата на споменичниот комплекс на Меџитлија ќе се дислоцира и традиционалната средба на Егејците што се организира веќе 29 години во потпелистерското село Трново.
„Трново е традиција. Дали ќе се одлучиме да се префрли средбата зависи од сите здруженија на Егејците во Македонија иако битолските здруженија ја организираат таа средба. Значи, ќе зависи од сите дали ќе се согласиме да одиме во Трново или на граница“, рече тој.
Инаку, битолските здруженија на Егејците уште пред три години доставиле барање до Општината за изградба на споменик во чест на децата-бегалци, меѓутоа исклучиво во градот.
„Оваа година во мај го обновивме барањето од пред три години доставено до Општината и до Министерството за култура да градиме споменик во чест на децата-бегалци. Но, исклучиво ја баравме локацијата зад Домот на АРМ. Сметаме дека таму треба да направиме спомен-парк, да поставиме спомен-плоча која ќе ги изрази и чувствата на Македонците протерани од Грција. Но, и да биде потсетник на сите гости од Грција за она што ни се случи таму. За жал, таа иницијатива е тргната настрана“, додаде Костурски. (А.Б.) |