Се коси дивата трева на кеј
Цветни алеи се садат во делови на Кисела Вода и во првиот дел на Градскиот парк
Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ од вчера го уредуваат зеленилото на левиот кеј на реката Вардар, а садат и нови цветни алеи на неколку локации низ градот. Во неколкудневната акција за уредување на зеленилото на кејот е предвидено машинско и рачно косење на тревата, кастрење на дивите грмушки, садење ново зеленило...Цветни алеи, пак, се садат во делови на Кисела Вода и во првиот дел на Градскиот парк, а со цветен расад ќе се разубави и делот кај фонтаната пред баракаите на Град Скопје. Се сади сезонско цвеќе, односно петунија, агератум и тагетес. Претпријатието работи и на поставување систем за наводнување на почетокот на ТЦ „Лептокарија“ и во делови по должината на булеварот „Илинденска“.
Во изминатава недела „Паркови и зеленило“ го расчисти запуштеното зеленило зад трговскиот центар „Беверли Хилс“ во Капиштец. На површина од 1.500 квадратни метри, наменета за изградба на катна гаража, искосена е исушената трева и се исечени диви грмушки и стари дрвја. Во акцијата во Општина Центар е уредена и одамна запуштената зелена површина зад поликлиниката „Идадија“, а тревата и плевелот се подигнати и од улицата „Елисие Поповски“. Дива депонија обрасната со сува трева е исчистена и во близина на АМСМ. Расчистени се и зелени површини во Карпош. Искосена е тревата во булеварското зеленило, а е уредена и целата тревна површина на „Теодосиј Гологанов“, на потегот од „Алумина“ кон Тафталиџе. Исечени и искроени се и стари дрвја на улиците „Бранислав Нушиќ“, „Никола Тесла“, „Московска“ и „Илинденска“. (С.Н.) |