Поглед
Зелени рецепти
Јасмина Јовановска
Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување ги тресе рецептоманија. Овие две клучни институции од здравствениот сектор се „истепаа“ кој да измисли попаметно решение за „хроничниот“ рецепт. Прво, Фондот за здравствено осигурување донесе одлука за „хроничен“ рецепт за лековите од фондовската листа. А не помина ни една недела кога и Министерството за здравство (читај: Бирото за лекови) истрча со нов вид рецепт, меѓу кој го протна и рецептот за хронично болните. Но, „хроничниот“ рецепт на Бирото за лекови, иако е составен како да е за фондовски лекови, ќе важи само за лековите купени на приватно.
Промовирањето два модела за „хроничен рецепт“ за толку кусо време, без разлика што се за различни листи на лекови, фондовска и приватна, место подостапни лекови, на пациентите им донесоа само збрка. Збунети останаа и аптекарите, а најмногу Фондот за здравствено осигурување, со што уште еднаш се потврдија некоординираноста и нетрпеливоста со Министерството за здравство. Или, пак, можеби Бирото за лекови сакаше само да му покаже на Фондот како треба да изгледа еден „хроничен“ рецепт. Но, во трката за докажување, по се' изгледа, Министерството за здравство заборави на правата на пациентите. Па, покрај тоа што не знаат кој рецепт за кој лек ќе биде, со рецептите во боја болните ќе се жигосаат како да се добиток, а не луѓе кои имаат право на приватност. Џабе што Министерството за здравство промовира права на пациентите кога на секој чекор ги прекршува. Прво со камерите во болничките соби, а сега и со колорните рецепти.
Недозреаните постапки како да станаа практика во здравството. Затоа и не чуди што Министерството за здравство со се' што се зафати да реформира досега, во практиката киксна. |