ОМО „Илинден“ - ПИРИН го прозва Станишев

Бугарскиот премиер се плаши, вели во својата реакција партијата на Македонците во Бугарија
ОМО „Илинден“-ПИРИН реагира на изјавата на бугарскиот премиер Сергеј Станишев дадена во Скопје дека партија не сака да го испочитува законот и да се регистрира и оти проблемот не е политички.
Партијата на Македонците во Бугарија по повод изјавата на бугарскиот премиер во Скопје, прашува:
Зошто Станишев толку се труди да ја убеди македонската јавност дека од ОМО „Илинден“‘-ПИРИН никој во Бугарија не се плаши, кога никој за тоа не го ни праша?
Ако не сакаме да бидеме регистрирани, како се случи да бидеме регистрирани во 1999 година?
Како тогаш успеавме да ја почитуваме законската процедура, а сега никако да го постигнеме тоа?
Има ли врска регистрацијата на партијата во февруари 1999 година со молбата за добивање датум за почеток на преговори за прием во Европската унија поднесена истиот месец од Бугарија?
Има ли врска забраната на партијата во февруари 2000 година со добивањето на бараниот датум за преговори две недели пред тоа?
Како може да се објасни феноменот дека ниту пред тоа ниту потоа не успеала во Бугарија да се регистрира ниту партија ниту здружение кое си поставува цел заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија?
Како е можно сите 350 регистрирани партии во Бугарија да можат да ја почитуваат процедурата, а само порано регистрираната ОМО „Илинден“-ПИРИН да не успева, без разлика на адвокатите што ги ангажира?
Има ли тоа врска со фактот дека за разлика од регистрираните 350, ОМО „Илинден“-ПИРИН единствена признава и се бори за правата на припадниците на македонското малцинство во Бугарија?
Кој сака ОМО „Илинден“-ПИРИН да нема регистрација; дали самата таа која се регистрираше во 1999 година и досега има внесено пет молби за регистрација или државата што и' ја одзеде регистрацијата и ги одбива сите нејзини молби?
Кој беше осуден од Европскиот суд за правата на човекот – ОМО „Илинден“-ПИРИН? Ако Бугарија ја има исполнето пресудата на тој суд, зошто Комитетот на министрите одбива да го затвори случајот?
Ако плаќањето на паричната казна значи исполнување на пресудата, зошто Комитетот на министрите инсистира за реститутио интегриум (враќање на нарушената состојба)?
Имајќи го предвид овој став на Комитетот на министрите, што има направено Бугарија за да ја врати регистрацијата на ОМО „Илинден“-ПИРИН?
Дали постојаното менување на законот, толерирањето на слово на омраза спрема Македонците во Бугарија, акциите за компромитирање на ПИРИН од службата за безбедност и викањето на сите членови на партијата во полицијата се диктирани од желба да се помогне и да се олесни нејзината регистрација или претставуваат саботажа на исполнувањето на пресудата на Судот во Стразбур?
Имајќи ја предвид позицијата на Комитетот на министрите, како поинаку може да се толкува тврдењето на Станишев дека Бугарија ја има исполнето пресудата со плаќањето на паричната казна, освен како одбивање да се изврши пресудата и спротивставување на регистрацијата?
Ако владата не се меша во работата на Судот и нема против регистрацијата на партијата, зошто ги викаше сите членови во полицијата?
Ако Станишев не сака да се меша во работата на Судот, со кое право дава оцени како ги почитувала ОМО „Илинден“-ПИРИН законските услови?
Дали поради малиот гласачки потенцијал на ОМО „Илинден“-ПИРИН добро информираните бугарски служби за безбедност направија се' за да ја спречат регистрацијата на ОМО „Илинден“-ПИРИН? Осумнаесет години демократија, а само една година допуштени само на едни избори!
На каков начин ОМО „Илинден“-ПИРИН е центар на внимание кога во Бугарија таа е под капата на медиумско затемнување веќе две години? Во времето кога беше „центар на внимание“ во Бугарија, таа беше сатанизирана, навредувана и оклеветена во медиумите. Дали постои човек кој свесно би ги нарушувал правилата за да остане надвор од политичкиот живот од желба да биде жртва на таков вид „внимание“?
И по сето тоа, дали она што го кажа Станишев, всушност, не е доказ за постоење силен ирационален, но сосема реален страв од македонското малцинство и од неговите заштитници во Бугарија?
И бидејќи според веќе утврдената државна традиција на нашите прашања никој во Бугарија нема да одговори, им препуштаме на нормалните луѓе сами да си одговорат. (Макфакс)
Нема нота за подбивањето на Станишев
Невообичаено е во дипломатската практика и при официјална посета на висок претставник на една држава домаќинот да реагира со протестна нота – изјави вчера Зоран Петров, заменик-министер за надворешни работи, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе следува реакција по завчерашните неумесни „коментари“ на сметка на Македонците во Бугарија од страна на премиерот Сергеј Станишев.
Бугарскиот премиер во Скопје се подбиваше со лидерите на ОМО „Илинден“ - ПИРИН кои, според него, не би биле повеќе „интересни“ доколку партијата биде легално регистрирана. Тоа го изјави на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Никола Груевски кој, освен кимнувањето со глава, не реагираше на ова.
Заменик-министерот Петров, по серијата прашања поврзани со настапот на Станишев, рече дека „домаќинот можел да реагира“. Тоа беше прес-конференција на двајца премиери и протестна нота во овој случај би била невообичаена, рече Петров. Според него, веќе имало реакции во весниците, а реагираа и претставниците од ОМО „Илинден“ - ПИРИН. „Тоа е сосема доволно“, рече Петров.
Прашањата беа упатени на прес-конференција свикана по повод тркалезната годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и 13 европски држави, за што денес во АРМ ќе се одржи централна свеченост под мотото „Петнаесет години европско пријателство и партнерство“. (Д.Ч.) |