Десет млн. долари за чевелот фрлен кон Буш

Парите ги понудил бизнисмен од Саудиска Арабија, а над 200 адвокати се понудија да го бранат напаѓачот
Багдад - Чифтот чевли на 29-годишниот ирачки новинар Мунтадар аз Зеиди, кој фрли чевел кон американскиот претседател Џорџ Буш, предизвикаа неверојатна заинтересираност, а почетната цена од сто илјади долари достигна фантастична сума од десет милиони долари за само едниот чевел, кои ги понуди бизнисмен од Саудиска Арабија.
Сто илјади долари за чевлите на Аз Зеиди понуди поранешниот технички директор на ирачката фудбалска репрезентација, Аднан Хамад.
Меѓутоа, се' уште не е познато каде се наоѓаат чевлите, кои беа фрлени кон Буш пред два дена на прес-конференцијата во Багдад. Според некои верзии, чевлите можеби се конфискувани од ирачките служби за безбедност или се однесени како сувенир од соработниците на администрацијата на Буш.
Во меѓувреме, во очите на голем број Ирачани сопственикот на чевлите стана национален херој, а медал за храброст на новинарот му понуди хуманитарната организација, која ја раководи ќерката на либискиот лидер Моамер Гадафи.

Аз Зеиди во моментов се наоѓа во затвор, откако на заедничката прес-конференција на Буш со ирачкиот премиер Нури ал Малики на 14 декември во Багдад фрли чевел кон американскиот претседател извикувајќи „Ова ти е бакнеж за збогум од ирачкиот народ“ и го нарече „пес“.
Братот на новинарот на ирачкиот ТВ-канал „Ал багдадија“, Дирхам, изјави дека соработниците на ирачките служби за безбедност му ги скршиле рацете и ребрата на Аз Зеиди.
Портпаролот на Ал Малики, Јасин Маџид истакна дека новинарот ќе биде изведен пред суд и оти му се заканува затворска казна до седум и пол години.
Повеќе од 200 адвокати изразија подготвеност да го бранат Аз Зеиди, а меѓу нив и Хаили ад Дулеими, кој во 2006 година го бранеше некогашниот ирачки претседател Садам Хусеин.
- Она што го стори Зеиди е најмалку што може еден Ирачанец да му направи на Буш, тиранин и криминалец кој уби два милиони лица во Ирак и во Авганистан, рече адвокатот.
Раководството на ТВ-каналот „Ал багдадија“ му се обрати на Ал Малики со барање итно да го ослободи новинарот во согласност со нормите на демократијата и слободата на изразување, кои американските власти му ги ветија на ирачкиот народ. (МИА) |