ЕДИТОРИЈАЛ
Каде беше премиерот Груевски
Тамара Грнчароска
По онаа скандалозна епизода на поранешниот грчки министер за надворешни работи, Теодорос Пангалос, кој пред десетина години ги нарече членовите на партијата Виножито на македонското малцинство во Грција мала група хомосексуалци, Скопје виде уште еден срам кога бугарскиот премиер Сергеј Станишев се подбиваше со членовите на ОМО „Илинден“ -ПИРИН, партијата на македонското малцинство во Бугарија, нарекувајќи ги луѓе кои само сакаат да бидат во центарот на вниманието. Изјавите во стилот на познатите реторики и политики на двете земји спрема македонското прашање немаше толку да фрапираат доколку не беа искажани тука, во Скопје.
Но, моментот што најмногу иритира во сето тоа е што македонските домаќини и тогаш (шефот на дипломатијата Александар Димитров) и сега (премиерот Никола Груевски), беа само неми статисти на изјавите на понижување и подбивање со деловите од нашиот народ и нивните права во двете авторитарни (во поглед на малцинските прашања) држави - Грција и Бугарија.
На Станишев, кој во понеделникот барањето за политичко дејствување на Македонците во Бугарија го сведе на обичен егзибиционизам и психолошки проблем за желба за медиумско внимание на лидерите на ОМО „Илинден“ - ПИРИН, кои, како што рече, и да се регистрираат на изборите би освоиле многу малку гласови, му се дозволи да не добие одговор на тоа со контрааргументи.
Му се дозволи во државата чија нација и јазик Бугарија не ги признава, чии култура и историско наследство ги присвојува, да не му се каже, со најдипломатски речник, дека така не се градат добри меѓудржавни односи. Да не се потсети на меѓународните декларации за правата на малцинствата и за човековите права.
Да не му се „укаже“ на дипломатското правило за почитување на државата и нацијата во чија посета беше дојден. И сето тоа во духот на доброседските односи и нивен реципроцитет, што Станишев го побара од Македонија.
Но, македонскиот премиер остана нем. Груевски кој, особено измината година, својата надворешна политика ја гради токму врз патриотизмот и зачувувањето на македонската нација, јазик, култура, правото на еден народ за самоопределување и самоодржување, пред бугарскиот премиер како да го заборави сето тоа. Или можеби таа политика е само за домашна употреба, во функција на популизмот и рејтингот на власта? Едноставно кажано, патриотизам на хартија.
Зошто лидерот на партијата и на Владата сега не испрати писмо до генералниот секретар на ОН, до ЕУ, до другите меѓународни организации, за да им раскаже какви права уживаат Македонците во Бугарија, како што раскажуваше за правата на Македонците во Грција. Зарем Македонците во Бугарија се помалку Македонци од оние во Грција?
Од сето ова произлегува дека интересот на македонските власти за правата на своето малцинство, во една или во друга држава, е различен, во зависност од целта која треба да ја постигне со тоа. Македонците во Грција му послужија на Груевски во спорот околу името. Со Бугарија не се спориме околу името и таа засега не не' блокираше во НАТО и во ЕУ. Значи, Македонците во Бугарија не му требаат на Груевски.
Пред десетина година владата на Љупчо Георгиевски, чиј министер беше Груевски, написмено се откажа од своето малцинство во Бугарија во име на добрососедските односи. Целта на Георгиевски подоцна се покажа повеќе од јасна кога тој доби бугарско државјанство.
Сега Груевски, како актуелен премиер, би морало да ја каже целта на своето молчење во понеделникот, со кое Македонија по вторпат се откажа од Македонците во Бугарија. Било тоа да се државни или лични. |