Поглед
Комуникација со деманти
Деспина Трајковска
Министерството за транспорт и врски продолжува со практиката да комуницира со јавноста само кога демантира и кога се пофалува за сработеното. Цели фермани од деманти и информации за тековни активности Министерството експресно испраќа на редакциските мејлови и факсови, се огласува и лично на мобилните телефони на новинарите, а често ја користи и СМС-опцијата. Секоја чест за ваквата комуникација, но, сепак, надлежните не треба да заборават вака да комуницираат и кога јавноста бара некаков одговор од нив. Прашањата и дилемите на новинарите треба да им се приоритет, бидејќи, сепак, тие се нишката со јавноста. А, таа деновиве воопшто не се интересира за објавените лицитации, официјалните средби на министерот Јанакиески, акцијата за чистење на Вардар...
Напротив. Ја интересира што ќе преземе Министерството во врска со земјиштето на кое треба да се гради црква? Дали и како тоа ќе и' се додели на МПЦ, без пари или Црквата ќе треба да го одврзе ќесето, и за колку? Постои ли и до кога е рокот за конечно изјаснување по жалбите на тендерот за двокатни автобуси? Ова се само дел од темите на кои јавноста бара одговор, а од Министерството има само молк, што не е прв случај.
Доколку сакаат јавноста да биде точно информирана, како што укажуваат кога демантираат, Министерството за транспорт и врски треба навреме и конкретно да одговори на прашањата од медиумите. И никако за пример да не го следат министерот Јанакиески, кој за една од најактуелните теми во овој период, случајот со земјиштето за црква на плоштадот, ни одговори: „Не знам што да ви кажам. Да не ве излажам, проверете сами во Законот“. Е, па, што е многу, многу е...
|