Стојановски ги враќа неуставните закони на мала врата
Министерството по секој промашен закон не се откажува, туку веднаш преминува на законски измени. Така, по укинувањето на верската поука петтооделенците ќе учат етика на религии
Министерот вината за паѓањето на законите ја лоцира кај државните институции, и кај експретседателот Црвенковски!
Жаклина Хаџи-Зафирова
Неуставноста на законските решенија со кои се предвидуваше екстерното оценување во училиштата е втор удар за Министерството за образование откако претходно на Уставен суд падна и законското решение за воведување на веронауката кај петтоодделенците. Проблем со екстерното оценување беше што судот препозна неуставност во одредбите со кои се предвидуваше Министерството за образование и наука да го реализира и спроведува оценувањето. Државните институции беа сопка и кај веронауката за која Уставниот суд оцени дека не може да се организира во државни институции поради одвоеноста на религијата од државата, дефинирана во Уставот.
Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, вината за зачестеното паѓање на законите на Уставен суд ја лоцира кај сите државни институции низ кои претходно поминува законот, освен кај себе. Но, непоминувањето на законите во највисоката институција, која ја проверува уставноста и законитоста на законите, излезе и дека не претставува посебна тешкотија за Министерството, кое по секој промашен закон не се откажува, туку веднаш преминува на законски измени.
Уставните судии беа политички етикетирани кога во април, донесоа одлука со која го укинаа член 26 од Законот за основно образование со кој се овозможува организирање верско образование како изборен предмет во основните училишта, што според судот беше прогласено како неуставно. Ваквата одлука наиде на невиден револт кај вероучителите, кои се здружија во организиран протест, етикетирајќи ги судиите како политички мотивирани. Но, Министерството не спиеше, туку, експресно, наместо веронауката, го воведува предметот етика на религии, за кој не кажува многу, а не сака ниту да ги коментира информациите дека со тоа веронауката се воведува на мала врата.
„Не се откажуваме од веронауката“, повторуваа од Министерството, а ��ега истата реченица ја употребуваат и за екстерното оценување, за кое, законските решенија исто така паднаа на Уставен суд. Судот завчера ги укина одредбите во законите за основно и за средно образование каде што се наведува дека тестирањето го организира и спроведуваат Министерството и Инспекторатот. Поточно, оценувањето не може да го вршат државни органи, како што се потенцира во законските одредби кои, според судот, повредуваат темелни уставни категории, а тоа се поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како и владеењето на правото. Екстерно оценување, смета судот, може да има само ако тоа го организираат образовни установи. Но, ниту вториот закон кој падна на Уставен суд не го поколеба Министерството, кое сега подготвува законски измени, но не кажува какви. Во секој случај, велат оттаму, по ниедна цена нема да отстапат од екстерното оценување.
Според министерот за образование и наука, Перо Стојановски, виновни се сите, вклучувајќи го и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, но не Министерството. Тој ја појасни процедурата за донесување закон, која според него поминува низ неколку фази.
„Иницијативата произлегува од Министерството за образование, потоа поминува низ Секретаријатот за законодавство, кој ја оценува уставноста и законитоста на решението. Следната фаза е во Собранието, каде што го разгледува Законодавно-правната комисија, а потоа го гласаат пратениците. На крајот указот за законот го потпишува претседателот на државата. Тој има советници кои би требало да му укажат дали едно законско решение е противуставно“, изјави Стојановски.
Од Кабинетот на поранешниот претседател на државава одговорија дека претседателот не може и не смее да ја преземе улогата на Уставен суд и да ја оценува уставноста на одредени закони кои се донесени во Собранието. „Улогата на претседателот е да процени дали одредени законски решенија можат да нанесат ненадоместливи штети на интересите на државата и на нејзините граѓани и да го искористи своето уставно право со тоа што ќе го врати законот на повторно разгледување во Собранието. Оттука е сосема јасно дека најголемата одговорност, сепак, ја имаат оние што ги предлагаат и оние што ги донесуваат законите“, коментираат од Кабинетот. |