Фуере: За мене јазикот е македонски
Евроамбасадорот Ерван Фуере откако ги ислуша сите забелешки од пратениците од власта за употребата на „државен јазик“ наместо македонски јазик во извештајот, вчера се извини за секое недоразбирање по ова прашање. „Сакам да ве уверам дека нема промени во нашата политика по прашањето на македонскиот јазик. Ако мене ме прашувате кој е официјалниот јазик на државата, тогаш ќе речам македонскиот јазик, кој, за жал, не го зборувам добро“, рече Фуере на заедничката седница на НСЕ и комисиите за европски прашања и надворешна политика, на кои присуствуваа дипломатски претставници на земјите-членки на ЕУ во земјава.
Сепак, рече Фуере, формулацијата државен јазик не е погрешен затоа што станува збор за јазикот на државата. „Станува збор за чисто недоразбирање и ние ги следиме препораките на ОН, но ќе го информирам Брисел за чувствителноста на ова прашање“, рече Фуере, кој се обиде и да се пошегува велејќи дека тој е само гласникот и побара: „Не го убивајте гласникот“. (Т.Г.) |