Филе се нуди за посредник за името
Брисел - Билатералните спорови не треба да ги закочуваат интеграциските процеси, порача еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Зборувајќи за Македонија тој оцени дека во Грција разбираат дека спорот за името го попречува планот на грчкиот премиер, Јоргос Папандреу, за обединување на Балканот во рамките на Европа. Според него, премиерите на двете земји се посветени на решавање на спорот и е оптимист дека договор ќе биде постигнат во блиска иднина.
„Контактите меѓу двајцата премиера можат да донесат промени и решение на проблемот со името“, нагласи Филе и додаде дека не сака да се впушта во дискусија кој од двете страни во спорот е во право или не. Тој притоа испрати пораки до премиерите на Грција и на Македонија дека треба да бидат свесни за влогот што е во игра. На грчкиот премиер му порача оти „се надева дека ќе сфати колку ова прашање ја одразува неговата позиција за европска интеграција на земјите од Западен Балкан“, додека на неговиот македонски колега оти треба да знае дека за Македонија „нема план Б!“.
Еврокомесарот изрази подготвеност, ако тоа се побара во преговорите што се водат меѓу двете земји, да се вклучат како актери тој и претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, и да дадат свој придонес. „Но, се' додека овој процес се води директно од двајцата премиера јас сум оптимист дека во блиска иднина ќе биде најдено решение за името“, заклучи Филе.
Британскиот европратеник Чарлс Танок, кој е известувач за Црна Гора, побара од Грција да биде поконструктивна во решавањето на овој спор, кој го нарече „неразбирлив дури и за хеленофил како него”.
Известувачот за Македонија, Зоран Талер, оцени дека да не беше „тој несреќен спор за името”, Македонија добро ќе напредуваше на патот кон ЕУ. Талер го праша комесарот Филе дали е можеби дојдено време Комисијата или, пак, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Кетрин Ештон, да вложат дополнителни напори за ова прашање. (МИА)
|