Преведувачите читаа препеви на десетина јазици
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - На митингот на преводното творештво што се одржа во рамките на 39. Меѓународна средба на книжевните преведувачи повеќемина присутни поети и преведувачи настапија со творби во препев на десетина јазици. Покрај на македонски на кои беа преведувани песни од познати поети од повеќе земји, меѓу кои и на лауреати од СВП, преведувачите настапија и со препеви на англиски, француски, украински, унгарски, албански, бугарски, турски и други јазици. Според топлината на изговорените стихови и дел од содржините кои беа преведени и на македонски јазик недвосмислено се дотеруваа специфичностите на творењето и преводот на различни култури со различни традиции, а сите нив ги спојува магичноста на оригиналната песна. Во таа смисла како што во една прилика пренесе поетот, писател на раскази и преведувач од Северен Кипар, Мехмет Кансу „уште од денот кога настанале различните јазици на земјата чинот на преведувањето бил составен дел од човековиот живот“. Митингот на преводната книжевност се одржа во најстарата црква во лешочкиот комплекс „Пресвета Богородица“ подигната уште во 1326 година, повеќе пати обновувана и реконструирана, а поради големото историско и културно значење е под заштита на државата.
На дводневниот симпозиум кој официјално заврши вчера, преведувачите дебатираа за „поетиката на книжевниот превод“, како главна, а помошна тема беше „од теоријата и практиката на книжевниот превод“. Во таа смисла „ветеранот“ на оваа средба, Мехмед Кансу, кој по 12. пат е со своите колеги во Лешок, во врска со преводот ќе го пренесе гледиштето на турскиот преведувач Џеват Чапан, кој вели: „Свесен сум дека преведувањето е неблагодарна работа, но секогаш сакам да бидам сигурен дека текстовите што избирам да ги преведам се вредни да бидат преведени. Ги избирам оние текстови што кога ги читаме на нашиот мајчин јазик можат да го збогатат нашиот сентиментален и интелектуален свет“. Инаку Мехмет Кансу најави издавање посебна книга посветена на сите негови 12 учества на меѓународната средба на книжевните преведувачи во Лешок.
Поетот и преведувач од Србија, Адам Пуслоиќ, вели: „На Балканот постои еден модус вивенди коегзистенција. Тоа е природно и е изградена за вистински потреби. Можеби политиката ги расипува овие прекрасни односи кои ги негуваат културите на овие простори. Сите наши балкански политичари се колнат во традицијата, патриотизмот во служба на културната мисија и служењето на светската и европската цивилизација. За жал, многу често работат против тоа. Верувам во мисијата на преводот на кој и јас му припаѓам“. Преведувачите вчера се разделија со „догледање до идната јубилејна 40. средба на преведувачите“. |