ЕУ ќе реагира брзо на грчкото барање за помош
Брисел - Европската комисија соопшти дека државите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд ќе дејствуваат брзо во одговорот на барањето на Грција за милијарди евра заеми за надминување на финансиската криза во таа држава. „Се' ќе биде направено брзо и ефективно“, изјави портпаролот на еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен. Тој вчера имаше разговори со шефот на ММФ, Доминик Штрос-Кан.
Инаку, грчкиот премиер Јоргос Папандреу вчера побара да се активира пакетот со помош од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд, чија цел е членката на еврозоната да ја извади од должничката криза, пренесоа агенциите. „Се наметна потреба да побараме активирање на механизмот“, рече Папандреу од островот Кастелоризо во Егејско Море.
Инаку, Грција преговара со претставниците на еврозоната и на ММФ за доделување помош од 40 до 45 милијарди евра, кои Атина ќе ги побара и ќе ги добие откако ќе се активира механизмот за помош, забележуваат агенциите. (МИА) |