Русија ја забрани храната за деца на „Нестле“
Москва - Руската агенција за контрола на квалитетот на прехранбените производи не и' одобри на финската филијала на најголемата компанија за производство на прехранбени производи „Нестле“ да дистрибуира храна за деца на рускиот пазар. Директорот на агенцијата Генадиј Онишченко оваа одлука ја образложи со „намалената технолошка дисциплина во производството на артиклите што се испорачуваат на рускиот пазар“.
Претставници на компанијата „Нестле Русија“ соопштија дека не добиле известување од агенцијата со кое се забранува увоз на нивни производи на рускиот пазар. „’Нестле‘ не може да ја коментира информацијата дека наводно е забранета регистрација на детска храна произведена во фабриката во Финска, затоа што не е официјално известена, се наведува во соопштението на швајцарската компанија. Сите производи на „Нестле“ ги поминуваат сите неопходни проверки на квалитетот пред да бидат пласирани на пазарот во Русија, соопшти компанијата. (МИА) |