Партиска контрола на независните тела
ВМРО-ДПМНЕ ги стави под своја капа Регулаторната комисија за енергетика и Комисијата на АЕК
Маја Томиќ Александрија Стевковска
Независни регулаторни тела регулирани од власта. Така, генерално, може да се оценат двете важни институции во државава, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во кои раководни позиции имаат партиски луѓе. Поради тој факт се поставува прашањето колку овие лица може да бидат независни во работењето и во колкава мера нивните одлуки ќе бидат во интерес на граѓаните.
Претседателот на РКЕ, Димитар Петров, дојде од подружницата на „ЕВН Македонија“ од Кратово. На чело на РКЕ е од пред една година, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Набргу по назначувањето изјави дека ќе ја „стави во мирување“ партиската функција, додека ја води Комисијата и оти ќе работи независно. Во регулаторните правила така е и напишано, односно дека претседател може да се стане и покрај партиска книшка, но под услов при преземање на должноста лицето да се откаже од неа.
Деновиве се крена многу прав во јавноста со Гордана Ивановиќ, новоизбраната претседателка на Комисијата за електронски комуникации, тело во рамките на АЕК. Ивановиќ, освен партискиот ангажман во Комисијата за финансирање и монетарна политика на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно е и секретар на Град Скопје, сосема спротивно од Законот за електронски комуникации, кој стриктно забранува истовремено извршување должности во органи и во тела во политички партии или во други асоцијации, поради конфликт на интереси. Статутот на АЕК предвидува дека за претседател и за членови на Комисијата може да бидат избрани лица со завршено високо образование од областа на електротехничките науки, правото или економијата, да имаат работно искуство над пет години и посебни знаења од областа на електронските комуникации. Во биографијата на Ивановиќ не е наведено
дека имала такво искуство, иако новата функција од неа ќе бара да раководи со финансиите и да ја контролира работата на АЕК, која е регулатор на телекомуникацискиот пазар.
За да се смири тензијата околу судирот на интереси, од ВМРО-ДПМНЕ пристигнуваат најави дека Ивановиќ ќе се откажела од функциит�� во ВМРО-ДПМНЕ и во Град Скопје. Ќе видиме дали ќе се случи тоа.
Гордана Ивановиќ, новоименуваната претседателка на Комисијата за електронски комуникации, доаѓа на местото на Софче Јовановска, која во неколку наврати беше критикувана дека истовремено членува во повеќе одбори, со што многу често беше обвинувана за судир на интереси. Сега и изборот на Ивановиќ ќе наиде на остри реакции од официјален Брисел, кој редовно во годишните извештаи забележува дека регулаторните тела во земјава не се доволно независни.
Инаку, претседателот и членовите на Комисијата се именуваат со мандат од пет години, со тоа што првиот мандат на претседателот е пет години, на двајца членови четири години и на другите двајца членови е три години.
Во текот на мандатот тие не можат да бидат пратеници во Собранието, членови на Владата, да извршуваат должности во органите и во телата на политичките партии, да се членови на управни и надз��рни органи на јавни претпријатија или членови на други асоцијации на правни и на физички лица.
Законот за електронски комуникации и АЕК се од огромно значење за граѓаните, бидејќи треба да создадат конкурентен пазар, да ги заштитат интересите на потрошувачите и да ја спречат злоупотребата на позицијата што ја имаат на пазарот операторите и давателите на електронски комуникациски услуги, кои се со значителна пазарна моќ. АЕК има задача да ги контролира цените на електронските и на комуникациските услуги. Експертите се едногласни дека партизирањето на регулаторните тела е сосема погрешна политика на власта. „Поставувањето партиски кадар на водечки функции во регулаторните тела е погрешна политика на Владата. Тие тела целосно треба да бидат независни, да донесуваат одлуки што се од општ интерес, а не од партиски. Ако се постави партиски човек, тогаш тие бадијала постојат. Со вакви чекори политичките партии го уништуваат правниот систем и практично интересот на одреден круг луѓе го наметнуваат како општ интерес на граѓаните. Последиците од тоа ќе бидат долгорочни, како од одлуките што овие тела ги носат, така и од кршењето на принципите на демократија и независност“, смета професорот на Правниот факултет, Ванчо Узунов.
Со слично размислување е и Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош и поранешен министер. „Владата очигледно сака се' да партизира во државата и да постави свои лица на сите државни функции, во извршната и во законодавната власт, па не се срами да поставува и свои луѓе во битни, независни и стручни тела, како што се РКЕ и АЕК. Власта очигледно се подготвува за евентуално заминување и сака со овие свои луѓе потоа до крај да и' прави проблеми на новата власт. Најзначајно е што со таквите постапки за грчовито одржување на власта, не' одвлекува од евроатлантските процеси и директиви“, вели Јакимовски.
Инаку, РКЕ секоја втора седмица одлучува дали и за колку ќе поскапат или ќе поевтинат нафтата и бензините, двапати годишно одлучува за цената на парното, а цената на струјата, пак, ја утврдува по претходно барање на енергетските компании, може и по повеќепати годишно. Значи, одлуки што се од големо значење за секојдневниот живот на македонските граѓани. РКЕ, која постои од 2002 година, го има последниот збор, неофицијално, по претходна консултација со власта. Буџетот на Комисијата изнесува околу половина милион евра годишно, а се собира од енергетските компании што од своите годишни приходи издвојуваат по 0,05 отсто за да ги платат услугите на Комисијата.
Наспроти повеќето предупредувања од Европската комисија за неопходни законски измени што ќе го сменат начинот на работење и на РКЕ, Владата остануваше глува и правеше по свое. По завршувањето на мандатот на претходниот претседател на РКЕ, Славе Ивановски, на Владата и' беше потребно подолго време да избере соодветен кадар и по речиси една година, лани во јуни, го назначи Петров на негово место. Инаку, Иванов остро и' се закани на „ЕВН Македонија“ кон крајот на 2008 година да поднесе посебен извештај за прекините на струја и ако тие не се оправдани, дека ќе им ја одземе лиценцата за работа. Оваа изјава звучеше како поддршка на изјавите на тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески, како и на премиерот Груевски, кои ја посочуваа ЕВН за најлош странски инвеститор.
Лани есента Секретаријатот на ЕК упати остри забелешки до Владата за Законот за енергетика и за работењето на енергетските компании и на РКЕ, што се спротивни на Договорот за енергетска заедница. Па, Владата ги засука ракавите и почна со измените во Законот, каде што треба да се промени улогата на монополот на ЕЛЕМ и на РКЕ. ЕК побара од Владата да се прецизираат улогата и надлежностите на РКЕ, што треба да донесува релевантни правила и одлуки. Измените во Законот треба да се завршени до јуни и потоа да влезат во собраниска процедура. А, кои и какви измени конкретно ќе се однесуваат на РКЕ засега не и' е познато на јавноста. (М.Т. А.С.) |