Аеродромци се противат на изградба на станбено-деловен објект
Граѓаните и општинарите одржале средба на која бил постигнат компромис
Станарите од зградите на улиците „Владимир Комаров“ и „Ангел Димовски“ од населбата Аеродром се противат на планираната изградба на станбено-деловен објект на аголот меѓу булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Владимир Комаров“. Реагираат против предложениот ДУП, бидејќи сметаат дека со неговата реализација ќе се уништи единствената зелена површина во реонот на која има над педесетина дрвја стари неколку децении. Наедно, велат жителите, ќе мора да се затвори и блискиот паркинг, кој и така не ги задоволува сегашните потреби на населението од реонот.
„Некои општински функционери сакаат меѓу овие згради да градат дополнителни станбени згради, односно да ги натераат луѓето да живеат спакувани како сардини. Имам доволно техничко искуство и знам дека во тој случај воопшто нема да функционира нормално ниту електриката, ниту водоводот, ниту, пак, канализацијата, греењето, паркирањето. Ќе се јават секакви тешкотии“, смета Ванчо Врангалов, еден од шестоте потписници на петицијата против изградбата на планираниот станбено-деловен објект, кој е предвиден со последните измени и дополнувања на деталниот план „Црква“ -Урбана единица А. Планот токму на последната седница на Советот на Општина Аеродром требаше да биде ставен на гласање. Но, тој беше повлечен од дневен ред, со образложение дека се' уште се чека мислење за него од Министерството за транспорт и врски.
Во меѓувреме, претставници од Иницијативниот одбор на граѓаните кои се противат на изградбата на објектот одржаа средба со заменик-градоначалникот Југослав Зиберовски и претседателот на Советот на Општина Аеродром, Сашо Петковски. Според Ѓорѓи Ѓоргиев, претставник од Одборот, бил изнајден компромис во интерес на граѓаните. (Дс.Т.) |