Урбанистичката подлога за црквата на плоштадот е несоодветна
Се укажува и на пропусти во сообраќајните решенија на левиот брег на Вардар
Деспина Трајковска
Урбанистичкото решение за црквата на плоштадот во целост не ги исполнува критериумите за непречена реализација на проектот, сметаат од Партиципативното тело за урбанизам на Град Скопје. Оттаму укажуваат дека предложениот изменет ДУП „Мал ринг“, во кој е опфатено срцето на градот, а со него и маркичката за верскиот објект, треба да се додефинира. Во сегашната верзија, црквата налегнува на подземна комуникација.
„Тоа решение треба да се коригира, бидејќи имаме забелешки од технички аспект. Недозволиво е прво да се изгради црквата, па отпосле да се интервенира за други потреби. За куќа прво се поставуваат темели, па потоа таа се крева нагоре“, посочува архитект Андреј Токарев, претседател на Партиципативното тело, во кое членуваат уште четворица негови колеги и претставници од Градот кои изминативе денови ги „чешлале“ деталните урбанистички планови „Мал ринг“ и „Голем ринг“, кои се однесуваат на урбанизацијата на срцето на Скопје. Покрај забелешките за црквата, од телото укажуваат дека и неодамна зацртаната маркичка за градба на објект на левиот брег на Вардар пред Комерцијална банка не ги исполнува сите услови за непречена реализација, бидејќи во планот не е испланиран приод до објектот кој речиси е залепен до кејот. Од телото потенцираат дека проблематично е и сообраќајното решение за делот на кој почна да се возобновува Стариот театар, каде што веќе никнува Музејот на холокаустот, а особено на просторот предвиден за изградба на музејскиот комплекс на ВМРО, чиј камен-темелник беше поставен минатата недела. Таму, според мислењето од Партиципативното тело, постојат недорасчистени проблеми со т.н жичарница, која е испланирано да води кон Кале, а има и вкрстување и недоречености во истрасираниот подземен сообраќај со веќе постојниот.
Со цел да се елиминираат пропустите, во оние делови каде што е изводливо тоа, од телото ќе ги повикаат на средба општинарите од Центар и надлежните од Министерството за транспорт и врски, на која евентуално би се донело заедничко решение, со цел централното градско подрачје правилно да се развива во урбанистички поглед.
„Поради значењето на плановите ’Мал ринг‘ и ’Голем ринг‘, одлучивме недореченостите, дилемите и проблемите да ги решиме ��о проширен состав. Наше е да укажеме, но не значи дека препораките ќе ни бидат прифатени. Нашиот став и заклучоците не се обврзувачки за Општината, која е директен носител на планот. За жал, тоа е така поради недореченостите во Законот за локална самоуправа и во Законот за Град Скопје“, вели професор Токарев, кој смета дека кон оваа проблематика треба да се пристапи сериозно, независно од идеите и желбите на одредени структури. Токарев и неговите колеги се надеваат дека од Општината ќе ја прифатат средбата и стручните укажувања, и покрај тоа што досега се докажа дека од Центар не ги земаат предвид мислењата што ги дава Градот за одредени ДУП. Имено, и покрај негативното мислење што го дадоа градските власти во однос на планот што ги третира стокатниците спроти „Холидеј ин“, општинарите го усвоија планот во урбанистичката рамка каква што си ја скроија. Инаку, планот за „Мал ринг“ се наоѓа на разгледување во Градот од минатата недела откако општинарите од Центар пред дваесетина дена без образложение го повлекоа на доработка. |