Прванов не се меша во случајот со Вранишковски
СофиJа - Бугарскиот претседател Георги Прванов се дистанцираше од случајот со расчинетиот владика на МПЦ, Јован Вранишковски, кому бугарски истражен судија му одреди мерка притвор врз основа на меѓународната потерница распишана од Основниот суд во Битола во почетокот на овој месец.
„Во согласност со Уставот, претседателот нема влијание врз судските рочишта. Испорачувањето на странските државјани, кои се наоѓаат на територијата на Република Бугарија, се врши врз основа на судска процедура. Заземањето став од страна на претседателот би значело мешање во независноста на судската власт. Во конкретниот случај претседателот нема овластување за интервенција“, се наведува во соопштението од Кабинетот на бугарскиот претседател.
Светиот архијерејски синод на СПЦ пред неколку дена апелираше до државниот врв на Србија и до претседателот на Бугарија да направат се' за Вранишковски без одлагање да биде пушен од притвор.
Вранишковски е приведен на 17 ноември на преминот Калотина на бугарско-српската граница врз основа на меѓународна потерница што ја распиша битолскиот суд. Тој во октомври 2009 година е осуден на затворска казна во траење од две години и шест месеци, за кривично дело „затајување“. Судот, исто така, му нареди да и' исплати отштета на Македонската православна црква од 14.804.211 денари, односно околу 240 илјади евра.
Бугарскиот истражен судија по два пати продолжување на полицискиот притвор му одреди мерка куќен притвор. Македонското Министерство за правда има обврска во рок од 40 дена да достави комплетна документација во врска со барањето за екстрадиција на Вранишковски. (МИА) |