Водоводот „Патишка Река“ чека пари од Владата
Досега се изградени околу 5 километри водоводна мрежа, а преостанува да се доизградат уште само 3,5 и филтер-станица
Снежана Калабакова
Изведба на уште неколку шахти и на филтер-станица ќе ја заокружат првата од вкупно три фази на водоводот во Патишка Река. Досега се изградени околу пет километри, а преостанува да се доизградат уште 3,5 до локацијата каде што треба да се монтира филтер-станицата. Месното население веќе не се противи на изградбата, но затоа парите се испречија како уште поголем проблем. Градоначалникот на Општина Сопиште, Јован Ѓоргиовски, вели дека за втората и за третата фаза Владата ќе треба да обезбеди дополнителни средства бидејќи сега нема пари.
Тој појаснува дека се чека германската фирма ПЦЦ „Хидро“ да ги започне градежните зафати за изградба на хидроцентрала со јачина 0,6 мегавати, па потоа да се направи филтер-станицата што ќе ја прочистува водата од Патишка Река. Пречки во изведувањето на работите од страна на месното население нема бидејќи според Ѓоргиовски, жителите веќе се убедени дека водоводот се гради за нивно добро и дека тие беа само цел на политички манипулации.
„Жителите првично реагираа и не ја даваа водата од Патишка Река под изговор дека ќе останат без вода. Но, сега се смирија страстите. Зарем германската ’Хидро‘ би вложувала ако нема доволно вода? Нивните 15 годишни истражувања покажуваат дека за минихидросистемот ќе има 520 литри вода во секунда, а за водоводот ќе бидат потребни 60 до 70 литри, што е девет пати помалку. Во водоводот ’Патишка Река‘ Општина Сопиште вложи само 100 илјади евра, пари што ги издвои претходната локална самоуправа. Јас наследив почнати работи“, рече Ѓоргиовски.
Министерството за транспорт и врски првично инвестираше околу 4,5 милиони евра во водоводот. Дел од овие средства беа обезбедени од Европска банка. Од ова Министерство не ни одговорија дали ќе има дополнителни пари и како натаму ќе се одвиваат работите.
Проектот за водоводот го изработи Општина Сопиште. Системот треба да го реши водоснабдувањето на околу 10 илјади жители. Главен изведувач на работите е градежната фирма „Конти-хидропласт“ од Гевгелија. На стартот на градежните зафати на водоводот градежните машини работеа во придружба на полицијата, која беше задолжена да не дојде до евентуални инциденти од страна на месното население кое беше категорично против изградбата и со протести го спречуваше градењето на водоводот. Тогаш градоначалникот на Сопиште тврдеше дека тензичните состојби биле решени откако на жителите од Патишка Река им биле исполнети барањата да се поправи училишниот објект, да им се изгради спортско игралиште, а министерот за здравство Бујар Османи им ветил и изградба на месна амбуланта. Потенцираше дека Општината обезбедила и 22 милиона денари за изградба на фекална канализација во Патишка Река.
Ѓоргиовски тогаш објасни дека водоводот ќе се протега од Патишка Река до патот кон селото Држилово, а реализацијата на првата фаза ќе чини еден милион евра. Трасата на водововодот во втората фаза ќе се протега од Држливо до селото Јаболце, од каде што ќе продолжи до Света Петка, Барово, Чифлик, Долно и Горно Соње. Вкупната должина на водоводот ќе изнесува 23 километри. Со изградбата на водоводот секое населено место што сега нема ќе добие и резервоар за вода. |