Голем успех на студентите на Правниот факултет на натпреварот Балкан кејс челенџ
Мишо Докмановиќ, Скопје
Студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје го повторија минатогодишниот успех на меѓународниот натпревар Балкан кејс челенџ. Тој претставува најголем натпревар за студенти по право, економија и информатичка технологија во регионот на Југоисточна Европа, што се одржува секоја година во Виена и е спонзориран од австриското Министерство за надворешни работи и Австриската развојна соработка.
По минатогодишната победа на Бошко Станковски, и годинава студентите на Правниот факултет се пласираа на врвот. Под мое водство и во конкуренција на студенти од 12 земји од регионот, Елена Милошевска го освои првото, а Катерина Тодоровска - второто место на натпреварот по право. Како награда за освоеното прво место, Елена Милошевска ќе има можност да престојува на студиски престој на Институтот за меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет на Универзитетот во Грац.
Оваа победа на студентите претставува уште една потврда на континуираното остварување на мисијата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – создавањето вистинско знаење.
|