Заборавени Власите од Егејска Македонија
Димо Н. Димчев, Скопје
Во последниве неколку денови многу се пишува во весниците и уште повеќе слушаме во вестите на телевизиските станици за два многу значајни настанa: Меѓународната средба на децата-бегалци, која треба овие денови да се одржи во Скопје, и писмото на господинот Никола Груевски до неговиот колега од Атина, Костас Караманлис. Јас сметам дека треба и уште погласно да се зборува за овие работи и уште нешто - треба да се удри и по европските институции кои шуруваат со фашизмот кој 50 години владее во Грција и се врши невиден етнички геноцид врз сите малцинства.
Меѓутоа, луѓето од здруженијата на децата-бегалци од Егејска Македонија, чие олицетворение деновиве се Ѓорѓи Доневски и Георги Ајановски, толку многу се активни, дадоа толку многу изјави, кажаа за толкуте неправди што им се нанесоа на децата-бегалци и на борците во Граѓанската војна 1945-1946 година, но заборавија дека со Македонците, рамо до рамо и целиот период на војната се бореа и Власите од Егејска и од западна Македонија, дека од тие голем број деца-бегалци беа и припадници на оваа етничка група (некој рече 8.000- 9.000). Се прашуваме: зарем толку не знае господинот Георги Ајановски кои беа „Егејците“ од населбата Хром во Ѓорче Петров? Зарем не заслужуваат ниту грам почит сите тие Власи кои несебично ја помагаа Граѓанската вој��а и загубија огромни имоти како и стада овци и друг добиток? Зарем не знаат господата дека најголемиот дел од воените активности се одвиваа на териториите кои се населени претежно со влашко население во западна Македонија и во Меглен? Зарем тие жртви не заслужуваат ни трошка почит само затоа што беа Власи?
Почитувани господа, браќа Македонци, не правете грев таму каде што треба да се плаче! Крвта на паднатите и негираните жртви нема да ви дава мир. Не останува скриено ништо, па и оваа работа излезе на виделина и се знае нема што и зошто да криете. Бидете достојни и оддадете почит еднакво за сите мртви и за сите живи. Време е да се зборува отворено и за геноцидот што се направи и се' уште се прави и врз Власите. |