Поглед кон матурскиот испит по мајачин јазик
Елена Арсовска, Скопје
Овој коментар е моја реакција за еден актуелен проблем. Имено, на државната матура, матурантите покажале многу слаб успех на тестот по македонски јазик. Јас, како родител, сметам дека треба да се реагира за оваа проблематика и за наредните генерации да може да се направат потребните измени. Како пример го наведувам пишувањето состав/есеј на одредена тема.
Есејот не е прашање кое може објективно да се прегледа. Не верувам дека повеќе прегледувачи го читале есејот, па се усогласувале за поените. Значи, тоа е една слабост што постои и е многу дискутабилна, бидејќи се' зависи од прегледувачот, дали него ќе му се допадне стилот, концепцијата, изборот на зборови... Исто така, сметам дека не е фер спрема учениците на некој начин да се воздигнува предметот македонски јазик, па да се оценува со повисоки критериуми. Со тоа не се добива ништо, туку само се губи. Крајно сум револтирана како родител од таквата постапка, бидејќи за да се добие 5 по македонски јазик, според форумите и неофицијалните вести, треба да се има процент повисок од 94 отсто. Мојот син положи македонски јазик со оценка 4- 92 отсто, што сметам дека е висок процент. Потребно е да се смени оценувачката скала, бидејќи вака изгледа како професорите по мајчин јазик да не ја вршеле добро својата работа.
Она што сакам да го побарам од вас е да објавите во вашиот весник дека тестот по македонски јазик е положен со 40 отсто точни одговори, а по англиски со 30 отсто, па затоа се чини дека учениците подобро го знаат англискиот отколку македонскиот јазик. И двата предмета се екстерни и нема потреба од ваква поделба. |