Приватни „19“ возат за 20 денари
Автобусите се на „Макекспрес“, чии возачи донесле самоиницијативна одлука за намалување на цената
Дел од приватните превозници на „Макекспрес“ што сообраќаат на линијата број „19“ од вчера возат за 20 денари. Возачите тврдат дека намалувањето на цената на превозот од 25 денари на 20 не е летен попуст, туку обид да се привлечат поголем број патници и да им се конкурира на дивите таксисти, кои возат за 20 денари од патник. Автобусите на другото приватно претпријатие, „Слобода превоз“, кои се во многу помал број на истата линија и натаму возат за 25 денари.
Одговорните во „Макекспрес“ вчера разбрале за оваа самоиницијативна одлука на одреден број возачи, но не ја поддржуваат. Сепак, потенцираат дека дека проблемот со дивите таксисти ескалира, а тие не можат да го решат, поради што барале помош од Градот и од сообраќајната полиција, па дури и од Општината Шуто Оризари, каде што тие најмногу возат. На оваа линија дневно сообраќаат 39 возила на „Макекспрес“.
„И ние сме изненадени од ваквиот потег на некои возачи, кои тврдат дека за истата цена возеле и некои нивни колеги на линијата број ’20‘. Не можеме да разбереме како им е исплатливо да возат за 20 денари, ако се знае дека едно возило за една смена треба да потроши 2.500 денари за гориво, потоа 1.000 денари треба да се издвојат за пријавениот возач, а ниту 3,5 илјади денари не заработуваат од смена. Згора на тоа, допрва следат годишните одмори, што значи дека дополнително ќе се намалува бројот на патници“, вели Милорад Димитриевски, еден од основачите на „Макекспрес“.
Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“, вели дека не ја поддржува одлуката на возачите од „Макекспрес“ за намалување на цената, затоа што таа е и законски и економски неоправдана и е спротивна со одлуката на Градот.
Од Градот објаснуваат дека со одлуката на Советот превозниците во јавниот градски превоз не смеат да возат по цени повисоки од предвидените. За надминувањето на проблемите од ваков вид и организацијата на ефикасен градски јавен превоз во тек е постапка за формирање мешовита комисија, составена од претставници на Град Скопје, ЈСП и од приватните превозници. (Сн.К.)
|