Католичка заобиколена, ќе се гради кружен тек во Ѓорче Петров
Градските власти го растоваруваат сообраќајот во населбите, а центарот ќе почека
Сања Наумовска
Кружен тек кај Католичка црква нема да се гради додека не се прошири „Теодосиј Гологанов“, е најновото решение на градските власти. Ако улицата се проширува следната година, како што е планот на Градот Скопје, можеби истовремено ќе се реализира и решението за растоварување на сообраќајот на оваа црна точка. Дотогаш, проектот е статус кво, а со ребалансот на буџетот нема ниту превидени пари за таа намена. Затоа, пак, кружен тек ќе се гради во Ѓорче Петров.
„Кружниот тек кај Католичка црква беше една од осумте кружни раскрсници што ги најавуваше градската власт. Сите имаат идејни решенија, но тоа не значи дека ќе бидат реализирани“, рече неодамна градоначалникот Коце Трајановски.
Од друга страна, пак, во градските планови за реализација влезе кружен тек во Ѓорче Петров, каде што сообраќајот и не е толку оптоварен. Сепак, кај трговскиот центар „Планет“ кружната раскрсница ќе се гради во функција на поставување споменик на револуционерот, патрон на Општината.
„Реализацијата на кружните раскрсници не беше врзана со стриктни рокови. Изработени се идејните решенија и сега се во фаза на проектирање. Сепак, во текот на изработката на деталните планови се јавуваат проблеми поради кои, веројатно, ќе мора да се откажеме од некои од нив“, вели Трајановски.
Според него, најпроблематичен е кружниот тек на улиците „XVI македонска бригада“ и „Коце Металец“ во Железара, кој бил мал градежен зафат, но поради попречувањето на други проекти е невозможен за реализација.
На неодредено време ќе почекаат и кружните раскрсници на улицата „4 Јули“ со „Партизанска“ во Ѓорче Петров, како и меѓу булеварот „Трета македонска бригада“ и улицата „Никола Карев“ кај Тутунски комбинат. Покрај овие четири локации, Градот има подготвено идејни решенија и за „Босна и Херцеговина“ и „Александар Урдаревски“ во населбата Бутел, потоа две кружни раскрсници на улицата „Втора македонска бригада“, едната со улицата „Лазо Трповски“, а втората со улицата „Кемал Сејфула“ во Чаир. Последната кружна раскрсница се планира на пресекот на улиците „16. бригада“ со „808“, кај објектите на „Пиварница“ и „Алкалоид“ во Автокоманда. |