Медиумски молк во Грција
Грчките новинари ужаснати од отпуштања и затворање весници денес излегуваат на улиците на Атина во знак на протест
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грција денес е без весници, вести и информативни програми. Вработените во медиумите по бурна недела на отпуштања и згаснување на долгогодишни изданија, се одлучија на протест и колективен медиумски молк. Незадоволни од укинувањето на колективните синдикални договори и масовните отпуштања во дел од медиумите, новинарите и техничкиот персонал од грчки државни и приватни телевизии, радија, весници и информативни интернет-сајтови одлучија да ја стопираат програмата 24 часа, почнувајќи од шест часот утринава до шест часот наутро в среда.
Штрајкот го организира Здружението на уредници на грчките медиуми, кои доставија апел до сите новинари од приватните и државните медиуми да се приклучат кон протестот. Целта на самиот протест е барање на право за постојана и стабилна работа за сите во медиумите, укинување на привремените договори на дело и подобрување на пензиското и здравствено осигурување на вработените во медиумите. Покрај прекинувањето на програмата во текот на целиот ден, новинарите, снимателите и административните работници во медиумите се собраа пред зградата на новинарското здружение во Атина и одржаа протест пред Министерството за работа.
Една од главните причини за медиумскиот молк, покрај укинувањето на синдикалните колективни договори за работа, се ненадејните отпуштања на десетици новинари минатата недела од приватните телевизии Антена и Скај, затворањето на весникот „Апогевматини“, но и укинувањето на печатеното издание на еден од најпопуларните политички дневни весници „То вима“, како и најавите за намалување на платите на вработените во речиси сите печатени и електронски медиуми. Новинарите, снимателите, фоторепортерите и техничарите тврдат дека загриженоста за тоа дали ќе бидат отпуштени од работа или следниот ден ќе се најдат со минимална плата, ги става под голем притисок. „Секојдневно се соочуваме со атмосфера на застрашување и терор против нас и нашите колеги, со закани за затворање весници и списанија, радиостаници, со намалување на пензиите, кратење на социјалните придонеси, но и со убивање на слободната и објективна информација поради задржување на добри бизнис-односи, комерцијализација и глумење лажни органи на демократијата, кои им служат на монополите. Нема да дозволиме дерегулирање на нашите работни односи преку укинување на колективните договори, привремени вработувања, арбитрарно трансформирање на работните односи и плата и колективните отпуштања“, се вели во соопштението за протестот од Здружението на новинари во Грција.
Медиумскиот молк и масовните протести на вработените во медиумите не се непозната работа во Грција. Пред само една недела државните медиуми ја стопираа програмата за да се солидаризираат со штрајкот на генералните синдикати. Како што коментираат некои од новинарите, токму оваа солидарност и колективно протестирање им помогнало пред неколку години, конечно, да добијат повисоки плати за кои со години штрајкувале. |