Општина Кисела Вода се подготвува за едношалтерски систем
Жителите на Кисела Вода наскоро ќе можат сите потребни документи од Општината да ги добиваат на едно место и за многу пократко време од досега благодарение на едношалтерскиот систем. Според најавите, тој ќе профункционира најдоцна за три месеци, а ќе биде сместен во првата барака во кругот на Општината. Деновиве, екипи на австриската фирма СИТ го изготвуваат апликативното решение за проектот, кое опфаќа електронско архивирање документи и модерен ДМС-систем (електронски документ менаџмент-систем). Општинарите објаснуваат дека со ова решение ќе се обезбеди електронско примање и проследување на документите, нивна обработка и издавање на крајните корисници. Од Општината посочуваат дека со примена на овој систем ќе се намали можноста за грешка во информацијата, која обично е предизвикана со повторното обработување и копирање на информациите од едно место на друго.
„Придобивките од тоа ќе ги има и општинската администрација, која практично ќе може да работи поефикасно и поажурно. Истовремено, со овој современ систем, кој е дел од проектот е-Општина, предвидено е и воведување електронски совет и компјутерско поврзување на 16-те месни заедници со Општината“, вели Тони Чупоски, портпарол на Општина Кисела Вода. Според него, поврзаноста на месните заедници со Општината, всушност, ќе овозможи граѓаните и правните лица своите услуги и информации да ги добиваат во МЗ, а не како досега да мора да се обраќаат во Општината. (Дс.Т.) |