Медиуми бараат оставка од првиот полицаец на Франција за расизам
Премиерот Франсоа Фијон застана во одбрана на својот министер оценувајќи дека тој е „жртва на скандалозна кампања на оцрнување“
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - „ Господине министре, вашата оставка се очекува“, со овој наслов Интернет-весникот „Медијапар“ го повикува францускиот министер за внатрешни работи, Брис Хортефо, да поднесе оставка, откако Интернет- изданието на париски „Монд“ ја објави видеоснимката на која се добива впечаток дека министерот е расист.
Станува збор за средбата на Брис Хортефо (инаку еден од најблиските соработници на претседателот Никола Саркози) минатиот викенд со младите членови на УМП во Сењос, на која тој се фотографира заедно со еден млад Французин со арапско потекло. Во една релаксирана атмосфера министерот за внатрешни работи вели: „Секогаш има потреба од еден. Кога има само еден тогаш се' е в ред. Но, кога има многу, тогаш има проблеми“. Опколен од другите членови на УМП и претседателот на пратеничката група на УМП, Жан-Франсоа Копе, министерот за внатрешни работи ја става раката на рамото на младиот човек, кој се вика Амин, велејќи: „Воопшто не се совпаѓа со прототипот“. Видеото на Интернет доби медиумски и политички размери, дел од медиумите и од опозицијата бараат оставка од министерот поради неговиот „невкусен хумор“.
Премиерот Франсоа Фијон застана во одбрана на својот министер оценувајќи дека тој е „жртва на скандалозна кампања на оцрнување“. Претходно, Хортефо се оправдуваше дека тоа што го рекол воопшто не се однесувало на етничкото потекло на младиот Амин, кој, исто така, тврди дека не бил навреден од министерот. Интересно е дека за една слична изјава министерот Хортефо смени и пензионира еден префект, за кој се сомнева дека имал навредливи зборови за африканскиот континент на аеродромот „Орли“ во Париз. Логично, тој би требало да го направи така и за себе?
„Либерасион“ потсетува дека ова не е прв испад на Хортефо, тој тоа го направил и со членови на владата - Азуз Бегаг бил едноставно избркан од страна на Хортефо, додека за Фадела Амера рекол дека „таа, исто така, е компатриотка... иако тоа не е евидентно“, додека Рашида Дати за својот поранешен колега вели дека тој бил еден „голем расист“. Но, барем засега нема знаци дека министерот ќе поднесе оставка, иако некои негови колеги од странство за помалку биле принудени да поднесат оставка.
Во сеќавањата на сите Французи е запечатена изјавата на поранешниот министер за одбрана, Жан-Пјер Шевенман: „Еден министер треба да знае да ја држи затната муцката, или треба да поднеси оставка“. Што се однесува до оставките на француските министри и пратеници, тие често биле принудувани да поднесат оставка кога нивните имиња биле вмешани во финансиски скандали, најчесто поради тајните црни фондови за финансирање на своите политички партии, понекогаш и поради лична злоупотреба на функцијата. Оставки имало и во времето на Митеран и во времето на Ширак, Пјер Моруа, горенаведениот Шевенман, Доминик Штрос-Кан, актуелниот претседател на ММФ, Бернар Тапим Алан Карињон... Во мандатот на Саркози оставка поднесе само Алан Жупе. Рашида Дати, додека беше министерка за правда нејзиниот брат беше вмешан и осуден за трговија со дрога, остана на функцијата се' до реконструкцијата на владата. Неодамна министерот за образование, Лук Шател, беше изненаден откако медиумите открија дека обичните домаќинки, кои дојдоа во еден маркет да го фалат намалувањето на цените на школскиот прибор, се симпатизерки на УМП или вработени во маркетот, но тој не се почувствува погоден од оваа афера и не извлече последици.
Во Франција нема понов случај кога еден министер поднесува оставка откако неговата одговорност е ставена во прашање во рамките на неговите министерски функции. Жешкото лето 2003 година однесе околу 15.000 животи, но на министерот за здравство, Жан-Франсоа Матеи, кој остро беше критикуван од специјалистите за начинот на кој раководеше со кризата, ништо не му фалеше. Исто како и на актуелниот министер за транспорт, Жан-Луи Борло, по двете авионски катастрофи ова лето, едната на „Ер Франс“, другата на „Јемен“ во кој животите ги изгубија неколку стотина лица, остана на функцијата и никој од него не побара да поднесе оставка, ниту тој јавно ја понуди.
|