Списокот не е подготвен за вонредни избори
Постапката за прочистување на книгата со гласачи треба да заврши дури за една година, поточно до септември 2010 година
Избирачкиот список не е подготвен за предвремени избори. Во случај на распишување вонредни избори или на референдум, во државата ќе се користи стариот список. Постапката за прочистување на книгата со гласачи треба да заврши дури за една година, поточно до септември 2010 година. Ова го изјави вчера претседателот на Државната изборна комисија, Александар Новакоски. Тој потсети дека на последните избори имаше многу забелешки за списокот и истовремено нагласи дека одлуката за избори не ја донесува ДИК.
Во највисокото тело надлежно за организација на изборите ќе има уште 75 вработени. Овие лица досега беа во 34 локални канцеларии на Министерството за правда и работеа на Избирачкиот список.
Инаку, Државната изборна комисија сериозно пристапува на процесот за преземање и ажурирање на списокот. Пилот-проектот што се реализира во две општини, Гостивар и Виница, од кој се очекува да понуди конкретни одговори за мистериозните гласачи во списокот, треба да финализира во април 2010 година. Што се однесува до завршување на целата постапка на проветрување на избирачкиот тефтер, која подразбира теренска работа и во сите други општини, тоа треба да се случи во септември идната година. Каде се проблемите со Избирачкиот список и кои се недостатоците, треба да утврди ДИК, која во иднина ќе менаџира со овие податоци. Ова значи дека ДИК ќе го координира проектот за чистење регистарот, а методологијата за овој процес вчера е доставена до Комисијата.
„Предлог-методологијата за ажурирање на Избирачкиот список е сериозно разработена. Опфатени се многу битни органи, Државниот завод за статистика со свои активности, Државната изборна комисија, како координатор, Министерството за надворешни работи, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за матична евиденција и Министерството за правда“, истакна Новакоски.
Министерството за надворешни работи е задолжено од Владата да изготви список во кој ќе биде евидентирана дијаспората. Затоа што на првите наредни парламентарни избори согласно со законските измени ќе гласаат и државјаните на Македонија кои живеат во странство.
Шефот на ДИК изрази надеж дека Министерството за финансии ќе има разбирање за потребата од повеќе пари неопходни за дооформување на условите за работа, особено во просториите за чување на изборниот материјал. „Доделен ни е на користење соодветен материјал. Но, за да биде пренесен во просториите на ДИК, мора да се создадат услови за негова заштита“, потенцира Александар Новакоски. (К.Ч.)
|