На Бит-пазар од автобуска постојка диво се прави дуќан
Од Чаир тврдат дека деновиве лимената ограда ќе биде урната
Постојката на Бит-пазар, што е стојалиште на автобусите кои сообраќаат на линиите број „50“ и „57“ веќе цела седмица е заградена со лимена ограда. Оние што секојдневно поминуваат или работат на тој дел од Бит-пазар забележале дека лимената ограда е поставена преку ноќ и со неа е зафатен делот што гледа кон булевар „Крсте Мисирков“. Оградено е државно земјиште, а познатите жолти настрешници на старата автобуска постојка некој сака да го искористи за покрив на продавница на отворено. Дивоградбата, практично, бесправно им ја одзема стреата на патниците кои чекаат автобус.
„Наместо граѓаните сега да се засолнат од жешкото сонце, некој си прави терен за бизнис, а Општина Чаир како и за сите други дивоградби не реагира. Не реагира ниту Пазарната инспекција, бидејќи теренот е дополнително окупиран и од дивите продавачи кои на тезгиња и картонски кутии секојдневно продаваат разни дреболии и текстил“, коментираат жителите на Чаир.
Авни Калаба, одговорен за информирање во Чаир, вели дека им е познато оти автобуската на Бит-пазар е заградена веќе шест дена, но додава дека ништо повеќе не би можел да каже околу тоа кој ја заградил и зошто, освен што тврди дека деновиве лимената ограда ќе биде урната.
„Се чини дека само на Бит-пазар се дозволува ваков хаос. Продава кој што сака кај што сака, се создава ѓубре и неред, а еве сега и автобуската некој ја претвора веројатно во оние ’типски‘ трафики од отворен тип што работат 24 часа, како онаа што го узурпира тротоарот на Јаја-паша. Со години мораме да поминуваме низ тој дуќан зошто е узурпиран тротоарот. Еве сега тоа се случува и тука на Бит-пазар да не можеш да застанеш под стреа“, вели скопјанката Васка Петрова. (Сн.К.) |