Браќа од Србија 21 година биле робови во македонски семејства
Браќата успеале да побегнат и да се вратат во родното село Козји Дол во Србија
Браќата Новица и Србо Станковиќ од Србија, 21 година биле заложници и слуги во повеќе семејства во Македонија, а за нивното животно патешествие српската полиција повела истрага под сомнение дека тие се жртви на трговија со луѓе, објави српската државна телевизија РТС.
„Новица и Србо во Македонија заминале во далечната 1984 година со нивната мајка. Во повеќе македонски семејства секојдневно работеле физички работи и чувале овци, но за тоа не им било плаќано. Спиеле во помошни простории, кои немале греење и секојдневно трпеле понижувања“, се вели во информацијата објавена на РТС. Телевизијата информира дека Србо рекол оти човекот, кај кого слугувале во Македонија, сакал доживотно да работат кај него.
Го терал да работи по цел ден, а кога момчето ќе побарало пари, тој му велел дека не му требаат. Потоа, Станковиќ раскажал дека бил запишан во прво одделение, но не му било дозволено да го заврши основното училиште, поради што и до своите 28 години останал неписмен, научувајќи само да се потпише.
„Браќата успеале да побегнат и да се вратат во родното село Козји Дол во Србија. Полицијата веднаш поведе истрага за нивниот случај под сомнение дека браќата биле жртви на трговија со луѓе и тоа од повеќе лица, македонски државјани, кои ги врбувале и ги експлоатирале. Биле принудувани на тешка физичка работа од 1984 до 2005 година и им била ограничувана слободата на движење“, објавуваат медиумите. Србо и Новица сега живеат во помошни простории во основното училиште во селото Козји Дол и примаат социјална помош од државата. (Нетпрес)
|