Годинава многу повеќе сообраќајки со жртви од лани
Бројот на сообраќајни несреќи во првите шест месеци од годинава е зголемен во однос на лани. Според статистиката на МВР, од почетокот на годинава се случиле 1.895 сообраќајки во кои загинале 61 лице, а биле повредени 2.873 лица. Бројот на сообраќајните несреќи во однос на лани е зголемен за 11,7 отсто, при што расте и бројот на загинати лица за 8,9 проценти, додека зголемување од 10,7 отсто се забележува и во однос на повредите со кои лицата се здобиле со несреќите.
Најмногу сообраќајки имало во населените места, а најчесто се случувале меѓусебните судири на возила во движење, удари на возила во пешаци, излетување на возила од пат или, пак, возилата удирале во објекти крај патот.
Според полициската статистика, мај е најкобен месец за сообраќајните несреќи. Најлоши денови за возачите се вторник и петок, кога се случиле најголем дел од несреќите. „Најмногу незгоди се случуваат попладне (780), а најмалку ноќе (289)“, велат во МВР.
Најчеста причина за незгодите со жртви било пребрзото возење, непочитување првенство на минување, непрописно свртување, недржење прописна страна, непрописно престигнување и управување под дејство на алкохол. Во сообраќајните незгоди меѓу настраданите предничат возачите на патнички возила, од кои 13 загинале и 827 се повредени. Во првата половина од 2009 година, загинале 23 пешаци, додека 443 биле повредени. (Х.Р.) |