ЛИЧНОСТ
Алесандро дел Пјеро
Евергринот Алесандро дел Пјеро викендов со своите 34 години го постигна својот 250. гол за Јувентус. Тоа беше последниот колоритен момент на „пинтурикио“ (на италијански Пинокио) во црно - белата епизода, која трае од 1993.
Минаа три декади откако во малото гратче Конелиано во провинцијата Тревизо го создадоа електричарот Џино и куќната помошничка Бруна, а тој не само што уште трча по зелените терени, туку неговиот репертоар на трикови и потези демонстрирани последнава сезона се олицетворение на моментот кога вештината станува генијална, а генијалецот легенда.
Дел Пјеро со тој 250. гол стана трет стрелец на вечната листа на голгетери за еден клуб во Италија. Пред него се само Џузепе Меаца (282 гола за Интер) и Анџело Шаивио (253 за Болоња). Пред две години беше на бројката од 200 и малкумина очекуваа дека толку бргу ќе дојдат уште 50.
Фудбалскиот уметник, кој како тинејџер играше за Падова, вели дека со секој негов гол е емоционално поврзан и дека сите ги помни. Иако, освои се' - пет пати беше шампион на Италија, еднаш на Европа, го освои ЕП и СП со Италија во 2000 година и 2006, како најдраг момент ги издвојува искрените аплаузи од навивачите на Реал М. на „Сантијаго Бернабе“, откако го растури нивниот клуб сезонава во ЛШ. (Н.К.) |